Пеп седи по 32 минути во кафана и мисли само на фудбал

Кога пристигна во Минхен за првата негова прес конференција се акредитираа рекордни 247 новинари. Потоа посети три уметнички галерии и концентрационен логор. Интервјуа не дава, но му дозволи на свој пријател една година да оди по него и да пишува што сака.

Разделбата на Гвардиола со Минхен е веќе најавена, а учинокот за сработеното ќе се прави во јуни. Без разлика на двете титули во Бундеслигата, кои веројатно ќе станат три, аплаузите за играта и доминантните бројки, неговата авантура ќе се смета за успешна само ако освои ЛШ.

Тоа значи дека Јувентус вечерва има можност да направи флека во автобиографијата на Пеп поврзана со престојот во Минхен. Конкуренцијата во Бундеслигата не е голема и Гвардиола знаеше дека најмногу ќе му го ценат успехот во Европа.

Тој не е тренер како другите. Ја напушти Барселона по една долга серија на трофеи, вкупно 14. Беше исцрпен од притисок и си зема долг одмор во Њујорк, а потоа го одбра Баерн, неговата историја и неговите предизвици. Во неговите три години како тренер знаеме како му оди, но да чуеме што правел надвор од тоа.

Herr Pep

Зборува пред јавноста само на официјални средби, односно прес конференции и никогаш не дава интервјуа, ниту на весници, ниту на телевизии. Како еден вид компензација за јавноста му дозволи на новинарот Марти Перарнау, инаку негов пријател, цела сезона 2013/2014 да биде внатре во клубот и да пишува сè што гледа. Така излезе книгата  Herr Pep (Господин Пеп) во која го раскажува Пеп како личност, неговите методи на работа и нешто од неговиот живот далеку од теренот.

Пристигнувањето во Минхен

Промоцијата на Баерн Минхен се случи пред 247 новинари што е апсолутен рекорд. Се претстави со солиден германски јазик, иако сè уште кога некој брзо зборува и му постави прашање има потреба од помош. Тогаш всушност и ги изненади новинарите со познавањето на германскиот јазик и употребата на зборот Herausforderung (предизвик). Се реши да живее во историскиот дел од центарот на градот, иако неговите претходници и играчите преферираат да живеат подалеку од гужвите. Заедно со сопругата посети три уметнички галерии и еден концентрационен логор, а германските таблоиди пишуваа дека ја “утепал“ Меркел на политички план.

32 минути

Трите деца Марија, Валентина и Мариус се запишаа на интернационално школо, а тој продожи да учи за фудбалот. Работа, работа и само работа. Социјалниот живот му е сведен на минимум, со исклучок на Октобер Фест, полуофицијална пригода за Баерн. Таму се облече и во Lederhosen, типични баварски кратки панталони. Сè на сè ја почувствува атмосферата, но ретко излегува. Понекогаш се појавува во Brenner Grill, ресторан каде често одат играчите.

„Гледав понекогаш да го носам во расторан за да го одморам малку од фудбалот и од работата, но тоа траеше максимум 32 минути, потоа бегаше и не сакаше да ме слуша и размислуваше само за тактички игри во фудбалот“, вели Марти.

Пријатели

Мануел Естиарте: “Марадона во базен“ кој има 578 настапи со селекцијата на Шпанија во ватерполо, 1.561 гол и 6 учества на Олимписки игри. Инаку деновите му почнуваат со насловната страница на Билд, бидејќи живее спроти седиштето на весникот во кој често се пишува за Баерн Минхен. Неговиот стручен штаб е најважен и често го стимулира, секој час во денот и ноќта. Гвардиола не претстанува да им се заблагодарува, како и на сите други важни луѓе во неговиот живот.

Корени

И покрај целосниот баварски живот во овие три години, постојано се навраќа на каталонските корени, не шпанските. Убеден во своите ставови за независност, во последните три години учествуваше на една манифестација во Берлин. Носеше про-каталонска маица за време на една официјална прилика, па дури и рецитираше поезија. Во јули 2015 година во Домот за литература во Минхен 75 минути читаше текст на каталонски и со тоа ги изненади и освои Германците. Гвардиола е перфекционист, а таков ќе биде и во Манчестер Сити.

16 март 2016 - 16:06