30 мај 1984 година. Рим. Финале на Купот на европски шампиони (денес Лига на шампиони). Рома - Ливерпул на „Олимпико“. “Џалоросите“ важеле за фаворити: играле дома а во составот ги имале светските шампиони Бруно Конти и Франческо Грацијани, неверојатниот стрелец Роберто Пруцо, бразилската суперѕвезда Пауло Роберто Фалкао (го викале осмиот цар на Рим) и Тонињо Сереѕо. За жал поради повреда на коленото финалето го пропуштил Карло Анчелоти.
Тогаш Римјаните ги тренирал Нилс Лидхолм - главниот иноватор во италијанското калчо до доаѓањето на Ариго Саки.
Швеѓанецот го прекомандувал Агостино Ди Бартоломеј од полушпиц на позиција либеро (нешто како Пирло години подоцна).
Капитенот на Рома за чиј потресен крај пишувавме, ги немал сите навики на либеро но затоа владеел со неверојатен долг пас и секој напад почнувал од него. За разлика од Зденек Земан или Спалети, Лидхолм многу мислел на одбраната. Не случајно во сезоната 1983/84 кога Рома го освоила второто историско скудето (имаат вкупно три), нивната одбрана била втора во Серија А, по бетонската на Интер.
Таа година „Џалоросите“ биле во добра состојба иако не успеале втор пат по ред да ја освојат титулата пред Јувентус. Амбициозниот претседател на Рома Дино Виола сонувал да ја направи Рома европски шампион.
Во тој Куп на европски шампиони Римјаните не налетале на сериозен противник дури до полуфиналето кога во отсуство на Фалкао на првиот меч изгубиле од Данди Јунајтед 2:0 во Шкотска. На реваншот Роберто Пруцо дал два гола а решавачкиот гол од пенал го дал Агостино Ди Бартоломеј.
Тој меч тифозите на Рома го сметале за најдобар во клупската историја до неодамнешниот потоп на Барселона. И така бродот на Рома пловел до финалето а последна пречка бил славниот Ливерпул.
Пола Рим бил полн со надеж и се спремал втора година по ред да слави празник на плоштадите. Од друга страна, Ливерпул тогаш имал дури девет освојувачи на еврокупови во составот.
Основните 90 минути завршиле нерешено - на голот на Фил Нил кој го оладил „Олимпико“, одговорил Роберто Пруцо за 1-1. Првпат во историјата Купот на европски шампиони го решавала пенал-серија. Рома се покажала кондициски не спремна: во второто полувреме се повредил најдобриот играч Пруцо а брзо и Тонињо Сереѕо морал на клупата. Се предал и Алдо Малдера кој добил удар.
Сите тројца одлични изведувачи на пенали.
Првите двајца кои шутирале за Рома - Конти и Грацијани (особено првиот) многу ретко ја местеле топката на белата точка. Веќе десет години имаше разни верзии и легенди за договорот кој да шутира а деновиве излезе вистината на виделина. Ја раскажаа самите очевидци.
Кога суеверниот тренер на Рома ги бирал пеналџиите многу се откажале од трема. Повеќето се плашеле да згрешат пред своите навивачи. Романистите ден-денес го криват Фалкао дека се скрил зад соиграчите кога се бирало кој да шутира.
Фалкао во последно време до крајност одбивал да шутира пенал, па по цена и да се скара со тренерот. Пред осум години италијанската новинарка Габриела Грејсон напишала книга посветена на Бруно Конти. Додека ја пишувала биографијата, таа решила да му се јави на Фалкао на телефон:
„А што ќе кажете за пеналот кој не сакавте да го изведете?“
- Сега ќе објаснам за последен пат. На тој меч јас не требаше воопшто да играм. Фатив некој вирус и се чувствував многу слабо кога истрчав на терен. Се жртвував себе за екипата и играв. А после почна таа серија...
„Бруно шутираше и промаши.“
- Тогаш зошто цел град е против мене?
„Не, не, не. Одамна сè е завршено. Помина долго време“.
- Тоа го објаснив милијарда пати.
„Добро, но што ќе кажете за промашувањето на Бруно Конти“
- Збогум...
„Фалкао не сакаше никого да сослуша. Тој беше голем професионалец и другар. Но големите шампиони треба да направат чекор напред. А не назад“, се сеќава Роберто Пруцо.
Да се вратиме на серијата пенали. Прв кој бил на списокот изведувачи бил капитенот Ди Бартоломеј. Капитенски му пришол на Грацијани.
„Чичо, биди љубезен. Иди шутирај прв да земам малку здив“.
- Добро, во право си, и јас сум нервозен и изморен. Ќе пробам па веројатно ќе ми олесни..
Грацијани веќе се спремал да тргне кон белата точка кога Ди Бартоломеј се вратил:
„Чичо, отпаѓа се. Лидхолм сака прв да шутирам јас“.
- Добро, оди ти.
Грацијани се враќал кон средината на теренот каде стоеле останатите. Кога дошол неговиот ред серијата веќе била во полза на Ливерпул кој водел со 3:2. Ако дадел гол, следниот играч на Ливерпул ќе бил под силен психолошки притисок. Тогаш капитенот на Рома одново му се обратил на Грацијани:
„Чичо, да ти дадам совет? Шутирај како мене силно по средина, не пробувај во агол. Ако ја погодиш средината даваш гол, немај гајле“. Грацијани ја местел топката и во глава му се вртело: „Не е во мој манир да шутирам така пенал“.
Грацијани шутирал силно но промашил.
„При шутот неправилно ја наместив ногата. Силно го исправив телото наназад и топката отиде високо кон трибините. Не можам да си простам“, се сеќава Чичо Грацијани.
Расказот на оваа легендарна пенал серија не може да помине без да се спомене неприличното однесување на голманот на Ливерпул.
„Олимпико“ никогаш во историјата не видел такво нешто. Ни пред ни потоа. Пред секој удар голманот Брус Гробелар им се кривел на играчите, им го плезел јазикот, имитирал шпагети со рацете. Тоа Англичаните го припишувале на тешкото детство на Гробелар кој преживеал граѓанска војна во Јужна Родезија.
Но 20 години подоцна за време на пенал серијата во Истанбул меѓу Милан и Ливерпул исто се однесуваше и еден друг голман на Ливерпул - Јиржи Дудек. Какво тешко детство имал тој во Полска?
30 мај станал трагичен датум за тифозите на Рома. Никогаш не можеле да се опорават после тој пораз, а точно 10 години после финалето со Ливерпул животот си го одземал капитенот на второто скудето Агостино Ди Бартоломеј. Во неговиот живот имало многу проблеми - од семејни до финансиски а депресијата го чинела одземање на животот.
Аго неслучајно го одбрал 30 мај.
Главниот романсиер на италијанската естрада Антонело Вендити му посветил една песна на Ди Бартоломеј во која има стихови:
„Сети се на мене, мој капитену, спушти го пиштолот од рацете. Простувањето му дава живот на човекот...“
Наскоро ќе дознаеме дали Рома ќе го тргне проклетството од Ливерпул.