Парма се врати во Серија А

Eден од најтрофејните италијански клубови, повторно се враќа од втората лига Серија Б во Серија А.

По нерешениот исход со Бари на гости 1:1, Парма обезбеди сигурен пласман во елитната Серија А. На две кола пред крајот, Парма има 74 бода, Комо е втор со 71 бод, а третата Венеција има 67 бода така што на „млекарите“ им е загарантирано најмалку второ место кое исто води директно во А.

Парма после три години во втората лига, конечно закрепна и се враќа во богатото друштво каде што и е и место. Иако за потсетување е дека при последниот настап во Серија А, Парма се посрамоти и испадна во втора лига со само три победи и на последно место на табела.

Сега во клубот дуваат други ветришта, управата ветува нови засилувања и многу посериозна улога во Серија А.

Тифозите во меѓувреме прославија враќање во погорно друштво на главниот градски плоштад во Парма. Прво оние навивачи кои биле на стадионот „Сан Никола“ во Бари прославиле со играчите, а во градот Парма на плоштадот „Гарибалди“ присутните тифози ги пречекале играчите кои пред полноќ со авион дошле од Бари.

Парма за првпат во својата историја влегла во Серија А во 1990-та година а од тогаш овој култен клуб освои Куп на Италија во 1991-ва, па европски Куп на Купови, па европски Суперкуп и Куп на УЕФА.

Парма е четвртиот најтрофеен клуб во Италија со меѓународни трофеи после Милан, Интер и Јувентус. Во последните години овој клуб се соочуваше со голема финансиска и организациска криза, па еднаш дури и беше исфрлена во Серија Д, четвртата по ранг лига во италијанскиот фудбал.

Чекор по чекор „млекарите“ се враќаа во погорните лиги па во 2020/2021, за првпат после долги години стигнаа таму каде што припаѓаат - во Серија А.

2 мај 2024 - 12:11