Во разговор за аргентинскиот весник La Voz Del Pueblo, Папата Францис вели дека тоа што никогаш не го гледал Меси е од проста причина што не гледа телевизија од 1990. година како дел од ветувањето кое го дал.
„Кога ме прашаа дали сум повеќе по Меси стилот или Маскерано стилот, јас им одговорив дека не знам, затоа што никогаш не сум ги гледал како играат, иако Меси два пати сум го сретнал во Ватикан“, изјавил Папата Францис за аргентинскиот весник.
Првиот човек на Католичкиот свет вели и дека од весници читал само еден и тоа Ла Република. Навива за Сан Лоренцо, навивачите на овој клуб често со знамиња го поздравуваат во Ватикан, но Папата вели дека не користи интернет, така што за резултатите го информира Швајцарската стража во Ватикан.
Во интервјуто, Францис додава уште и дека не е само фудбалот тоа што му недостасува од Буенос Аирес.
„Да прошетам по улиците. Тоа ми фали најмногу, мирот кога шетам или да отидам во некоја пицерија и да јадам пица. Тие може да се нарачаат, но не е исто. Убавината е во местото каде ќе ги јадете. Кога бев кардинал (во Буенос Аирес), сакав да пешачам по улиците, да се качам во автобус или во метро. Градот ме фасцинира. Во душата јас сум граѓанин“, констатираше Папа Францис.
Дека го сака фудбалот како и секој Јужно-американец, Папата докажа со организација на пријателски натпревар меѓу пријателите на Зидан и на Меси минатата година во Италија.