Меси и Зидан ќе играат за Папата

На Олимпискиот стадион во Рим на 1 септември ќе се одигра хуманитарен натпревар на кој ќе учествуваат сегашни и поранешни фудбалски ѕвезди од целиот свет, соопшти Светата столица во Ватикан.

Папата Франциско го сака фудбалот и навива за Сан Лоренцо. Неколку пати и самиот гледал натпревари во живо, а на негова иницијатива на први септември ќе се одигра натпревар за хуманитарни цели во главниот град на Италија.

Официјалните лица од Ватикан информираат дека покрај Меси и Зидан, на Олимпико во Рим ќе се појават и легендарниот Роберто Баџо, потоа Самуел Ето, Јапонецот Нагатомо од Интер, Пирло, Буфон, Хавиер Занети и многу други ѕвезди.

Токму сонародникот на Папата, Хавиер Занети е промотор на ревијалниот натпревар кој е договорен уште од минатата година кога капитенот на Интер беше кај него на прием со репрезентацијата на Аргентина.