Откако уште во февруари годинава постигна договор за трансфер во Џенова, Горан Пандев денеска направи кам бек во Италија, каде го мина најголемиот дел од кариерата.
Италијанските медиуми веќе објавија слика од македонскиот напаѓач, облечен во маица на Џенова на медицинските прегледи кои утринава ги минал во Џенова.
Поранешниот фудбалер на Анкона, Лацио, Интер и Наполи ќе потпише две годишен договор со опција за уште една година во зависност од тоа колку настапи ќе има во првите две.
Тој го напушти Наполи минатото лето и се пресели во Истанбул каде за екипата на Галатасарај одигра 15 натпревари и постигна 7 голови, сите во Купот на Турција.
Во изјава за Македонски спорт тој открива дека имал телефонски разговор со Љубинко Друловиќ и дека до крајот на овој месец ќе дојде во Скопје за да се види со македонскиот селектор.