Во четврт-финалето на Лигата на шампионите сезонава, дури четири екипи беа предводени од тренери кои го учеа занаетот во Барселона во 1996 година: Пеп Гвардиола, Луис Енрике, Жулен Лопетеги и Лорен Блан. Од неодамна, по нивен пат тргнаа Франк де Бур и Филип Коку, а присутни во европскиот фудбал и натаму се Луис ван Гал и неговиот тогашен помошник Роналд Куман.
Секој на свој начин, како осум апостоли на играта на Барселона со примеси од Ајакс, го шират модерниот фудбал. Единствено преведувачот во тогашниот стручен штаб на Барселона, Жозе Мурињо тргна по друг, само нему познат пат.
На последниот голем тренерски семинар, на кои присуствуваа најдобрите светски тренери присуствуваше и Мурињо, но тој не предаваше по книгата по која предаваа останатите осум тренери. Сите зборуваа за модерниот фудбал измислен од Ринус Мичелс, а усовршен од Јохан Кројф а Мурињо зборуваше како да победиш со помал посед на топка.
Мурињо се разликува од нив затоа што верува во реактивниот, деструктивен фудбал. Типичен пример за тоа беа натпреварите против Ман. Јунајтед минатиот викенд и против Арсенал во неделата. Против Јунајтед, Мурињо победи 1-0 со само 28% посед на топка и со стоперот Курт Зума на средината на теренот.
Незаборавен е и пласманот на Мурињо во финалето на ЛШ во 2010. година, кога на Камп Ноу против Барселона имаше само 19% посед на топка но загуби само 1-0 и со вкупни 3-2 се пласираше во финалето каде го совлада Баерн Минхен.
По вчерашното реми 0-0 на Емирати, навивачите на Арсенал скандираа „Досаден си, досаден Челси“ со што алудираа на тврдата игра на Жозе Мурињо. Како и самите да заборавија дека кога ја освоија последната титула во сезоната 1997/98, Арсенал на 12 натпревари не прими ниту еден гол а даде само 19 на 16 натпревари од ноември до март таа година.
Челси сезонава досега даде 34 голови на гости што е своевиден рекорд, а Сините постигнаа вкупно 65 голови или пет помалку од Манчестер Сити.
Виа: Гардијан