Отворена војна во Реал Мадрид, што точно се случува?

На Сантијаго Бернабеу врие како во котел, откако играчите се свртеа против управата. Рамос, Роналдо и Касиљас, секој од свои причини се револтирани од односот на Флорентино Перез.

Основата на проблемот лежи во тоа што Флорентино Перез секогаш имал комплицирани односи со играчите за кои тој смета дека имаат голема моќ во клубот. Како шеф на компанијата АЦС, Флорентино е навикнат да биде семоќен. Откако стана прв човек на Реал Мадрид, клуб кој му припаѓа на социосите (членови) кои го избраа на демократски начин, Перез направи неколку измени во правилникот.

На тој начин Перез ја направи речиси невозможна трката на било кој негов противкандидат, па така во 2009 и 2013 беше единствен кандидат на изборите за прв човек на Кралскиот клуб. Појавата играчите да бараат повеќе моќ во клубовите е нова во спортот. Живееме во ера кога Леброн Џејмс го држи тајм-аутот додека неговиот тренер стои покрај и кога Лионел Меси му кажува на Луис Суарез на која позиција да игра.

КАСИЉАС

Познат е случајот од 2003. година, кога капитенот Фернандо Јеро ги поведе играчите во бунт против управата, за Перез да го шутне од клубот без никаква церемонија. Перез никогаш не сакал играчи кои имаат тесен однос со навивачите, особено не оние кои се лидери во соблекувалната. Сетете се само на Раул, кој тивко го напушти клубот и покрај тоа што е еден од најдобрите стрелци на Реал на сите времиња (како Барса го испрати Чави и Ливерпул Стивен Џерард).

Перез отсекогаш имал кршлив однос и со Икер Касиљас, синонимот за Реал Мадрид во последниве две децении. Флорентино никогаш не ја криел желбата да го замени Касиљас со Џанлуиџи Буфон. Нивниот однос е до таа мера нарушен што Перез му дозволи на Жозе Мурињо да ја упропасти репутацијата на Икер Касиљас со дел од навивачите на Реал. Во неговиот случај има 5 опции. Реал го сака Де Хеа место него, Касиљас сака да замине за да игра повеќе. Договорот со Реал му истекува во 2017. и ако Реал сака да го раскине би морал да му исплати 30 милиони евра на Касиљас.

РОНАЛДО

Во моментов се јавува проблем со Кристијано Роналдо, кој во 2012. година изјави дека е тажен и дека клубот знае зошто. Една од главните причини поради кои Роналдо е „на нож“ со управата на Реал Мадрид е продажбата на важни фудбалери од тимот. Ниту еден играч не му дал повеќе асистенции на Роналдо како Месут Озил (точно 27). Португалецот затоа изјави дека збеснал кога дознал за продажбата на Озил во Арсенал.

Слично е и со Ди Марија, кој беше еден од најзаслужните за трофеите во Ла Лига и Лигата на шампионите, а на крајот клубот го пушти низ вода. Роналдо ѝ замерува и на управата што не застанала во негова одбрана по скандалот со роденденската журка на Кевин Ролдан, само неколку часа откако Реал загуби 4-0 од Атлетико Мадрид.

Најдобриот фудбалер во светот според ФИФА е незадоволен и со тоа што Перез се обидувал да го намести Бејл на позицијата на Роналдо, каде Велшанецот би бил продуктивен. Зошто Роналдо, кој даде 59 голови минатата сезона треба да менува позиција со некој кој дал само 17?

СЕРХИО РАМОС

Најсложен е случајот со Серхио Рамос, херојот на Реал Мадрид во полуфиналето и финалето на ЛШ минатата година. Против Баерн Минхен даде два гола, а против Атлетико во 93 минута му донесе продолженија на Реал Мадрид.

Рамос е во Реал Мадрид 10 години, постигна 55 голови и е заменик капитен на Икер Касиљас. Летово би можел да го напушти Реал Мадрид, затоа што бил изморен од потезите на клубот. На Рамос најмногу му сметало тоа што клубот немо гледал како Мурињо има лош однос со некои играчи и зошто го пуштил Анчелоти да си оди, кога Италијанецот доби поддршка од сите фудбалери. Рамос бара и подобар договор, затоа што спаѓа во третата класа најплатени фудбалери и е шести по ред според висината на платата (пред него се Роналдо, Бејл, Хамес, Крос и Модриќ).

Сето ова само го набљудува Рафа Бенитез, кој му е многу должен на Флорентино Перез, затоа што летово имаше понуда само од Вест Хем а дојде на Сантијаго Бернабеу каде уште не ги почнал припремите со екипата.

ВИА: Фјужн