Опомена пред исклучување за Русија

Фудбалската репрезентација на Русија ќе биде исфрлена од Европското првенство во Франција, доколку нивните навивачи направат уште една тепачка на стадион.

Во согласност на дисциплинскиот правилник УЕФА ја суспендираше дисквалификацијата на Русија до крајот на Европското првенство и таа ќе стапи во сила доколку се случи само уште еден инцидент на било кој натпревар на кој игра нивната селекција.

Руската фудбалска федерација за сега е казнета само парично во износ од 150.000 евра, а Европската куќа на фудбалот како причини за тоа ги наведе тепачките, расистичките испади и употребата на пиротехнички средства на руските навивачи на стадионот Велодром во Марсеј за време на мечот меѓу Русија и Англија.

Инаку како што пишува БиБиСи, во инцидентите кои се случија низ улиците на Марсеј биле вклучени 150 "добро тренирани" руски хулигани од кои триесетина се веќе депортирани од Франција, а шестмина Англичани вчера завршија во притвор.

Од брканиците во Марсеј повредени се вкупно 35 навивачи, повеќето од нив Англичани од кои четири посериозно, а вкупно 20 луѓе се уапсени.

Тепачката на стадион за време на мечот Англија - Русија.

Тепачките во пресрет на средбата кои се случија надвор од стадион за што УЕФА нема ингеренции да казнува. 

14 јуни 2016 - 13:04