Офсајд лик на денот: Анри Бел

Камерунецот од редовите на хрватскиот клуб Сплит, Анри Бел бил излажан дека е повикан на поширокиот список на репрезентацијата за Светското првенство. Кога се појавил на подготовките во Австрија никој не знаел кој е тој и од тогаш му се губи секоја трага.

Анри Бел е анонимен фудбалер на хрватскиот клуб Сплит на чија адреса пред две недели пристигна факс со повик од камерунската репрезентација.

25-годишниот фудбалер и самиот призна дека бил изненаден што се нашол на поширокиот список, но претпоставува дека селекторот се заинтересирал за неговите услуги затоа што Камерун е во иста група со репрезентацијата на Хрватска.

Пред неколку денови тој ги спакувал куферите и отпатувал за Австрија каде неговата репрезентација се наоѓа на подготовки и каде во понеделникот се одигра пријателскиот натпревар против Македонија.

Но, кога пристигнал во Австрија не само што никој не го познавал, туку тој дознал дека воопшто не бил ни повикан во репрезентацијата.

Хрватските новинари се обиделе да се јават на телефонот од кој бил испратен факсот до фудбалскиот клуб Сплит, но бројот бил лажен.

Засрамениот Бел веднаш го напуштил хотелот и од тогаш му се губи неговата трага. Неговиот менаџер се обидел да го исконтактира, но не го пронашол во Австрија, ниту во Париз каде што живее неговата девојка, а го нема ни во неговиот дом во Камерун.

Прав офсајд лик! Претходните офсајд ликови погледнете ги тука.

29 мај 2014 - 14:58