Одамна некој домашен играч не бил исвиркан така на „Олд Трафорд“

Играч на Манчестер Јунајтед, да бидеме појасни. „Олд Трафорд“ има вековна култура на голема почит кон своите и противнички фудбалери, па секогаш знае да препознае момент за громогласен аплауз, но и за брутални свирежи со какви се соочи Холанѓанецот Џошуа Зиркзе.

Манчестер Јунајтед за него плати огромни 40 милиони евра и го купи од Болоња во летото 2024. Но Зиркзе не покажа ни промил од она што го демонстрираше во Болоња која што за првпат после којзнае колку години ја внесе во Лига на Шампиони.

Мизеријата на Манчестер Јунајтед трае долго, синоќа изгубија 0:2 од Њукасл на домашен терен и ја продолжија серијата од три порази по ред во Премиер лига.

Њукасл во првите 20 минути веќе водеше 0:2 а навивачите жестоко го исвиркаа Зиркзе кој излезе од игра а наместо него влезе резервистот Коби Меино.

Тренерот Рубен Аморим го посрамоти Зиркзе откако го извади од игра во 34' минута. „Олд Трафорд“ го почасти со свирежи како ретко кој свој играч во последниве 100 години.

Зиркзе набрзина излезе од игра, ја облече јакната која му ја дадоа и брзински тргна накај тунелот кој води накај соблекувалните. Подоцна се вратил кај резервите со шишенце вода во рацете.

„Не сум го видел ова многу пати на Олд Трафорд во мои 43 години доаѓање овде“, рекол некогашниот капитен на Манчестер Јунајтед Гери Невил.

На 27 натпревари во дресот на трофејниот премиерлигаш, Зиркзе постигна четири гола и две асистенции што е премалку за фудбалер за кого клубот летоска плати дури 40 милиони евра!

31 декември 2024 - 11:31