Алексис Санчез како и повеќето талентирани деца кои стигнале до врвот, уште од мал не се двоел од топката. Кариерата ја почнал во домашното првенство од каде направи трансфер во Удинезе.
Беше член на италијанскиот прволигаш пет сезони со прекин од две години во кои беше позајмуван во чилеанскиот тим Коло Коло, а потоа во Ривер Плејт. Од 2011 стана дел од трофејното каталонско друштво со кое стигна до 6 пехари.
Овие кратки информации за Санчез веројатно ви се познати, но за да стигне до толкава слава и пари почнал буквално од нула, играјќи фудбал бос во родното сиромашно место Токопила.
„Не можев да поднесам и да ја гледам мајка ми како работи сама. За да и помогнам и за да можам да си купам копачки морав да перам коли на гробишта“, вели 25 годишниот чилеански репрезентативец“.
За тешкото детство тој отворено зборуваше и во интервју за весникот El Pais.
„Не е лесно да се заработи во Токопила за да се преживее. Јас не бев добар ученик, бегав од школо за да играм фудбал, па така ако не беше фудбалот, сега се уште ќе перев коли. Уште од мал и велев на мајка ми дека ќе станам фудбалер и ќе имаме пари, а таа ми се смееше. На другарите им велев: На тебе ќе ти подарам куќа, а на тебе кола. Всушност мојот сон на дете кое играло фудбал со возрасните, стана реалност“.
За Санчез никогаш немало загубена топка. Скокал од кров на кров, прескокнувал огради и ѕидови само за да ја најде откако некој ќе ја рогне подалеку. Поради таа особина, го добил прекарот Верверица. Сите во градот го познавале како дете надарено за фудбал.
„Се сеќавам едно попладне дека првите копачки кои ги добив беа од градоначалникот на Токопила кој навиваше за мојот тим. Кога ми ги подари, не можем да чекам, веднаш ги облеков, и со копачки за трева јас играв фудбал на бетон“, раскажува Санчез.