Преку пет илјади километри од еден до друг крај каде што ќе се играат Евро купови. 5.333 попрецизно.
Толку е воздушната линија која ги дели двата најдалечни града каде ќе се одржат квалификации за новата сезона во Лига на шампиони и Лига Европа: од Павлодар длабоко во Казахстан близу границата со Русија, па до Гардабајр на југо-западот од Исланд ќе се решава судбината на 198 клуба од кои 57 ќе се борат за елитната Лига на шампиони, а дури 141 за ништо помалку елитната Лига Европа.
За жал или за среќа, како сакате, ЛШ нуди 10 места а ЛЕ 22, па „ко воли нек изволи“.
Романтицизмот којшто го носат овие први официјални средби од новата сезона значи и многу приказни на поранешни и сегашни шампиони кои ќе трчаат по провинциски терени.
Вечерва тргнува возот: се играат првите 4 средби од пред-квалификациите за Лига на шампиони: Ерменија ја пречекува Андора (Алашкерт - Санта Колома), Малта - Естонија (Хибернијанс - Инфонет Талин), Гибралтар ќе оди во Велс (ТНС - Европа ФЦ), а дебитантот Косово ќе патува на Фарски Острови (Викингур - Трепча 89).
Утре вечер на програмата во Белфаст гостува Ла Фиорита од Сан Марино кај Линфилд. Интересно за овој дуел е што трето лето по ред, овојпат на 43 години некогашниот фудбалер на Рома, Дамјано Томази ќе се обиде да испише историја со клубот од малата енклава на италијанска територија. Овој тим од Сан Марино никогаш не го поминал првото коло.
Правата бајка сепак доаѓа од Лига Европа: после цели пет години од стечајот, Глазгов Ренџерс се враќа на европска сцена. На „Иброкс“ нема да дојде некој гигант како некогаш во Лигата на шампионите, туку Прогрес Нидеркорн од Луксембург.
Што се однесува до нашите, македонски клубови: Шкендија игра против Дачија Чисинау од Молдавија (четврток 17:00 во Струмица), Работнички гостува во Сан Марино против Тре Пене од 20:30, а битолски Пелистер ќе има најтешка задача против полскиот Лех Познањ на гости од 20:45 исто во четврток.