Во екот на капачката сезона и летните одмори, голем дел од луѓето во балканските клубови се молат во инбокс да не видат допис од УЕФА, Европската фудбалска унија. Тоа најчесто значи и гласи: “Поради употреба на тоа, тоа и тоа, непочитување на тоа и тоа, вашиот клуб е казнет парично со толку и толку илјади евра и толку меча без публика“.
УЕФА е до таа мера ригорозна што казните се драконски за фрлен предмет а камоли за фрлање пиротехнички средства, петарди и топовски удари на терен.
Македонскиот првак Вардар летово одигра две квалификациски кола во Лигата на шампионите. Еднаш го пречека Малме во Струмица (поради Супер Купот во Скопје), а потоа Копенхаген во Скопје (УЕФА се смилува да се игра на ’Филип Втори Арена’). И после двете домаќинства, Вардар доби парична казна од 77.000 евра за екцеси на двата меча.
Со Малме во Струмица имаше сериозни пропусти: фрлање предмети, гужва на трибините, гаѓање на судиите кои не биле заштитени од налетот на трибините, фрлање петарди и бакљи и ред други работи. По мечот со Копенхаген во Скопје исто УЕФА имаше неколку забелешки од кои една посебно му бодела очи на германскиот делегат Мартин Петерсен. Тоа е знамето со нео-нацистички симбол.
Низ фотографиите може да се види знаме со таков симбол на Јужна трибина, таму каде што секогаш стојат легендарните знамиња на Комити Стара Гарда. Оттука се поставува прашањето од каде знаме со таков симбол меѓу луѓето од кои многумина се потомци на видни анти-фашистички борци.
Ако некој поединец во сопствена режија го внел ова знаме, требал да биде свесен за последиците кои го чекаат неговиот клуб. УЕФА ретко има слух за аргументи од типот: ’Ова е келтски симбол, го има и во Индија и на Андите’.
На легендарниот Запад каде стојат Комити речиси никогаш немало знаме со ваков симбол, туку најчесто, меѓу вообичаените знамиња за Вардар и Македонија има и крст кој е симбол на православието, но речиси никогаш нео-нацистички симбол.
Знамето кое беше поставено најдолу на Јужна трибина означува симбол на нео-нацизмот, а ова знаме одвреме-навреме се поткраднува на натпреварите на Вардар. Кој го носи и зошто треба да одговорат неколку служби а штом е забрането, зошто воопшто не го одземаат на влезот?