Приказната за Анхел Кореа од Атлетико

Од дружба со бандити до благослов од Папата Римски

Нетфликс и другите титани на филмската продукција сериозно би можеле да подразмислат да снимат документарец или игран филм за животот и делото на Анхел Кореа, Аргентинецот од Атлетико Мадрид.

ТЕШКО ДЕТСТВО, СИРОМАШТИЈА, БАНДИ И СМРТТА НА ТАТКО МУ, ГО СПАСИЛ ФУДБАЛОТ

Анхел Кореа имал тешко детство како и многу други таленти од Јужна Америка.

Растел во повеќечлено семејство во криминалниот реон Лас Флорес во предградието на Росарио. Во неговиот дом имало десет деца и скоро секое од нив било некако поврзано со бандите. Неретко некој од нив бил и ранет во престрелките.

„Многу е тешко да се живее во сиромашен реон. Сè те влече надолу, притисокот е многу поголем. Сите викаат дека ќе завршиш или како наркоман или како криминалец или во затвор. Но имаше и други примери. Локалните наркомани ми викаа „Ако те видиме со дрога, ќе те убиеме на место. Мора да се посветиш на фудбалот за да излезеш од овде. Сфатив дека можам да се спасам само така“, раскажал еднаш Кореа.

Баба му и сестрите ден-денес живеат таму, но Анхел вели дека ако не се плеткаш со бандите ништо нема да ти се случи. „Видете, тоа е обична населба каде живеат и добри луѓе. Моите сите ги знаат таму“.

Кога Анхел имал 10 години починал татко му. Тој бил глава на семејството и главен извор на приходи. После две години постариот брат на Анхел, Луис Мартинез се самоубил затоа што семејството и блиските наводно не го прифаќале тоа што е геј.

„Не, уште не можам да зборам за тоа. Не ме прашувајте. Никогаш нема да можам да ја исполнам таа празнина во срцето. Морам да гледам само напред“, изјавил Кореа во 2014-та за шпанските медиуми.

Тој не може да го замисли животот без фудбал. Тоа му помогнало да се спаси од бедата и криминалот.

„Од тогаш кога наполнив 10 години, кога го изгубив татко ми, фудбалот ми беше спас. Подоцна го изгубив брат ми и фудбалот ми помогна да се справам со тоа. Секој пат кога излегував на терен, заборавав на загубите. Просто се трудам да уживам во фудбалот, дали во Атлетико дали на игралиштето во Росарио“.

Кај него во маало играле 6 на 6. Анхел уште од мал сакал да игра во напад но некогаш како и денес знаел да се врати во средина.

МЕНАЏЕРОТ КОЈ БИЛ ПОВРЗАН СО БАНДИТЕ МУ ЗЕМАЛ ПАРИ ОД ДОГОВОРОТ

За време на една партија фудбал во школо, луѓе од локалниот тим Алијанс го забележале брзиот и вешт Кореа и го викнале на тренинг кај нив.

Една епизода од тоа време долго го следела подоцна. Пред да потпише милионски договор со Атлетико Мадрид, се појавила информација дека неговиот договор во Аргентина бил користен за враќање долгови на наркодилери од кланот Los Monos.

Клупчето Алијанс го водел Франсиско Лапиана и тој имал матна историја со враќање долгови. Лапиана се дружел со криминалци и им помагал да ги легализираат парите преку договорите на неговите клиенти без нивно знаење.

Лапиана потпишал некаков договор со мајка му на Анхел Кореа и и платил за тоа 2.000 пезоси. Така стекнал 100% економски права од идните договори на малиот. Лапиана подоцна покажувал чекови и велел дека со тие пари го спасил семејството од глад.

Во 2012 година Лапиана го продал Кореа во гигантот Сан Лоренцо но сочувал 30% од договорот (малиот Анхел веќе бил во академијата на овој клуб во 2007-ма, но не можел да потпише договор дека бил малолетен).

Менаџерот му изнајмил стан на Анхел во Буенос Аирес и фудбалерот ништо не приметувал, но полицијата му го прислушкувала телефонот на Лапиана и дознала за негови врски со бандите.

Четворица од кланот дури и дошле на мечот Сан Лоренцо - Бока откако Кореа им оставил карти. На тој меч бисерот блескал во полн сјај а мафијашите му се јавиле на Лапиана да го пофалат каков талент израснал.

Во 2014-та кога истрагата напредувала, судот го прогласил Лапиана за крив и му забранил на Сан Лоренцо да му префрла пари на сметка на Кореа.

Медиумите тоа брзо го поврзале со фудбал: Сан Лоренцо тогаш се борел за титула со Њуелз Олд Бојс. Требало да се игра директен дуел, дерби за титулата а судијата наводно навивал за матичниот клуб на Лео Меси. Кореа добил повик за суд на ден пред мечот, но тоа не го растревожило - дал гол, а мечот завршил 1:1.

Анхел Кореа на суд признал дека тој оставил карти за четворица другари од неговата населба, од школото во кое играл. Рекол дека познавал еден од бандидите, но бил сигурен дека тој е обичен менаџер на играчи.

„Со Лапиана заедно гледаа многу млади фудбалери“.

Медиумите не му верувале на Кореа, пишувале дека тој ги крие бандитите но во продолжение тој се појавувал на суд само како сведок. До денес уште не бил затворен случајот на Лапиана.

КОРЕА Е МНОГУ ПРИВРЗАН СО МАЈКА МУ - ТАА ГЛАДУВАЛА ЗА ДА ИМА ЗА ДЕЦАТА И БАРАЛА ДА ГО ПОЗДРАВИ ТЕВЕЗ КОЈ БИЛ НЕЈЗИН ИДОЛ

Анехл Ди Мариа не сакал да се пресели во интернатот на академијата на Сан Лоренцо во Буенос Аирес. Не сакал да се одвои од другарите и семејството, но сфатил дека мора да заработува пари за живот.

Со мајка му има посебен однос.

„Таа беше прав војник. Управуваше со парите кои ги носев дома. Во детството секогаш ни викаше дека не е гладна, не и се јаде. Ние сите (браќа и сестри) јадевме по малку, а таа цедеше мате. Си мислев: „Чудно е ова мама никогаш да не е гладна. Кога потпораснав сфатив дека таа гладувала за да има за нас“.

Тој деновиве решил да се ишиша целосно во знак на поддршка на мајка му која боледува од рак.

„Нема прекин на огнот надвор од теренот за борба против твојот непријател. Може да посегнат по телото но не можат по душата. Никогаш нема да ти ја сменат личноста. Те сакам мамо“, напишал Кореа под фотографијата со мајка му објавена на Инстаграм.

Токму поради неа почнал да игра фудбал. Таа првпат го однела на игралиште.

Омилен играч на мајка му Марсела бил Карлос Тевез. Кога нејзиниот син првпат го викнале во репрезентацијата на Ааргентина, таа снимила видео со специјален поздрав за Тевез и барала од синот да му го пушти на Карлитос:

„До сега никој не направил такво нешто, срам ми е, ама ако не му го покажам Марсела ќе ме убие“, се смеел Анхел во едно тв шоу.

МУ ПРАВЕЛЕ ОПЕРАЦИЈА НА СРЦЕ, ЈА РИЗИКУВАЛ КАРИЕРАТА, ЛЕКАРИТЕ МУ РЕКЛЕ ДЕКА НЕ Е ОПАСНО НО ЗГРЕШИЛЕ

Кога Анхел Кореа во 2014 година премина во Атлетико Мадрид (веќе потпишаа и договор и објавија за трансфер), му следувале традиционалните медицински прегледи.

На 28 мај 2014 дошол во една клиника во Аргентина заедно со агентот. Но на кардиограмот приметиле нешто чудно и ги пратиле да се советуваат дополнително.

А потоа следувал шок: на 19-годишниот врвен талент му откриле тумор.

„Лекарите ми кажаа дека треба да се оперирам. Прво мислев да одбијам. Не сакав операција зошто ќе го пропуштев полуфиналето на Копа Либертадорес. Многу посветено работев за тоа, едвај го чекав мечот. Но немаше избор, морав да се согласам. Решивме дека тоа е најдобра варијанта, бев млад и можев да издржам. Тоа и се случи“, се сеќава Анхел Кореа (денес 25-годишен).

Во јуни таа 2014-та Кора полетал за Њујорк каде требал да се оперира во клиника за микрохирургија.

Веќе пред самата операција тој за последен пат зборувал со лекарите. „Ми рекоа дека ако се биде добро, не ја ризикувам кариерата. Но тоа беше лага. Ме излажаа. Ништо не ми кажаа до операцијата за да се согласам. Тогаш помислив: ќе бидам под анестезија, ако се разбудам добро, ако не, значи не било мое време.

Дури кога успешно ме оперираа, признаа дека имало ризик да ја завршам кариерата. За среќа се испадна добро, продолжив со фудбалот“, раскажал подоцна Аргентинецот кој играше за Сан Лоренцо.

На Анхел му откриле тумор во една срцева комора, операцијата траела неколку часа. На крај се завршило добро, Кореа се чувствувал добро уште истиот ден. За секој случај морал да остане уште една недела на клиника.

Полуфиналето и финалето на Копа Либертадорес ги гледал на телевизија.

СРЕДБА СО ПАПАТА ФРАНЦИСКО КОЈ НАВИВА ЗА САН ЛОРЕНЦО

По операцијата, Кореа добил покана во Ватикан кај папата Римски Франциск: „Му заблагодарив во својот град, сега требаше и во Ватикан“, рекол Кореа.

Папата Франциск (аргентинскиот епископ Хозе Бергољо) од детството навивал за Сан Лоренцо, клубот за кој играше Анхел Кореа.

Кога еднаш го благословил тимот на Сан Лоренцо, во екипата бил и 16-годишниот Кореа. „Кога кажав дека папата ме причести, никој не ми веруваше додека не покажав слика... Се надевам дека ќе ни помогне“, рекол центарфорот пред еден од најважните натпревари во Копа Либертадорес.

СОНОТ ИСПОЛНЕТ ВО АТЛЕТИКО МАДРИД

Блескавите партии во Сан Лоренцо придонесоа Диего Чоло Симеоне да се реши по секоја цена да го донесе Анхел Кореа во Атлетико Мадрид. 

Во јуни 2014 година потпишал 7,5 милиони вреден договор со „колчонерос“, но следувала целата драма околу операцијата која успешно била изведена на 18 јуни. Веќе во август истаста година Кореа почнал со лесни тренинзи а на 13 декември официјално му се приклучил на клубот.

Следната 2015-та, во август Аргентинецот конечно после сите маки дебитираше за Атлетико Мадрид кога влезе во гира наместо Оливер Торес во триумфот од 1-0 против Лас Палмас. Првиот гол го дал на 19 септември против Еибар.

Во кариерата досега, 25-годишниот Анхел Кореа има титула во Аргентина, во Копа Либертадорес, освои Лига Европа и УЕФА Супер Куп и сребрен медал во финалето на Лига на шампиони. За Аргентина дебитираше на 4 септември 2015 и досега има 12 настапи и 2 гола.