Омар Милането, Марио Касано, Карло Гервасони, Стефано Маури, Алесандро Ѕамперини, Масимилијано Бенаси, Стефано Ферарио и Антонио Розати се новите обвинети фудбалери од Серија А кои кон крајот на месецот ќе се соочат со судските органи.
Обвинителството во Кремона кое го води случајот со големиот скандал со наместени натпревари во Италија „Калчоскомесе" постојано открива нови детали и имиња околу валканите игри на фудбалерите, а ова се играчите кои учествувале во местенките на само два меча од Серија А.
Се работи за натпреварите од сезоната 2010/2011 помеѓу Лацио и Џенова одигран на 14 мај, како и Лече – Лацио кој се одигра една недела подоцна. Интересно е што и двата натпревари завршија со победа од 4:2 за тимот од Рим, па се претпоставува дека најмногу облози во кладилниците имало во игрите на голови.
По доказите за овие осуммина фудбалери кои ги собра Обвинителството на Кремона, Италијанската фудбалска федерација се огласи со соопштение дека по конечната судска одлука ќе следат суспензии за сите фудбалери, како и одземање на бодови на клубовите за наредната сезона.
Италијанскиот обвинител од Кремона Роберто Ди Мартино кој ја води операцијата Ласт Бет пред околу 2 месеци излезе со фрапантни бројки дека дури 70% од фудбалерите се кладат и тоа многу често на натпревари каде што и самите тие играат.
Интерпол подолго време трагаше по Тан Сет Енг кој го сметаат за шеф на криминалната мрежа која подмитува фудбалери низ цел свет за да местат, а сингапурската полиција во февруари оваа година потврди дека го уапсила.