Кладењето на најразлични спортови во светот по се изгледа не познава никакви кризи со оглед на вложените суми на пари кои се повеќе растат во светските кладилници. Анализите покажуваат дека од неверојатни 500 милијарди евра, само една милијарда годишно се уплаќаат во Азија за натпреварите од Лигата на шампионите.
Сепак во овој глобален бизнис постојат можности за вршење на контроли врз кладењето во секоја земја, па така откако супервизорите ќе забележат на кој натпревар се уплтатени најголеми суми на пари, тој може да влезе во листата на сомнителни и потоа следуваат ограничувања во уплатите.
Италијанскиот обвинител од Кремона Роберто Ди Мартино објаснува како уапсените фудбалери во операцијата „Ласт Бет" признале дека 70% од нивните колеги се кладат, а многу често и на натпревари каде што и самите тие играат.
„Моменталната ситуација со кладењето е многу негативна за спортот. Кога ги испрашувавме фудбалерите, тие самите си кажаа дека се кладат на однапред наместени резултати на натпревари во последните неколку кола од првенството. Уште позагрижувачки е што не се загрижени за последиците", изјави Ди Мартино.
Најголемите суми на пари кои циркулираат во кладењето се он-лајн кладилниците особено оние во Азија, како на пример во Сингапур, Хонг-Конг, Шангај и Манила.
„Има он-лајн кладилници каде се уплаќаат над 50 милијарди евра годишно, како на пример во „Ibcbet" и „188bet" или како во гигантот „Sbobet" каде годишно се вртат околу 200 милијарди евра или 40% од вкупната сума на пари која се врти во светот“, вели Марчело Пресила од Спортрадар, фирма која ги лови сомнителните натпревари.