На Џон Оби Микел (31) му пренеле дека татко му е киднапиран и дека ќе биде убиен ако случајот биде пријавен во полиција.
Капитенот на „орлите“ четири часа пред мечот ја дознал веста и морал да преговара со киднаперите на татко му. Дуелот против Аргентина го одиграл под страшен психолошки набој по телефонскиот разговор со некој роднина кој му дал број на телефонот на кој требал да се јави.
Во животна драма, Микел немал што друго да прави од далечната Русија и се јавил на бројот. Му наредиле да уплати одредена сума на пари и да не кажува никому - во спротивно ќе го убијат татко му.
„Играв додека татко ми беше во рацете на бандити. Бев емотивно растроен и морав да решам сам со себе дали можам да играм. Не знаев како да постапам, но на крајот си реков дека не смеам да изневерам 180 милиони Нигеријци. Се исклучив од целата приказна и продолжив да ја претставувам својата земја. Ништо не им кажав ни на селекторот, ни на соиграчите, ни на луѓето од сојузот. Само најтесниот круг на пријатели знаеа каква е ситуацијата“, ја раскажал Микел потресната епизода за Гардијан.
Татко му Па Микел Оби го ослободиле благодарение на брза реакција на полицијата и го однеле во болница со оглед на тоа што цела недела бил физички измачуван.
Ова е втор пат татко му на Микел да биде киднапиран по слична драма во средината на 2011 година.
Некогашниот фудбалер на Челси од јануари минатата година игра за кинескиот клуб Тјнаџин Теду. Во мечот за осминафинале на Светското, неговата Нигерија изгуби од Аргентина 2:1 со примен гол во 86’ минута.
„Среќа, татко ми беше сигурно ослободен во понеделникот попладне. Им благодарам на луѓето од полицијата за напорите за сигурно извлекување и поддршката што ја добив од пријателите и семејството. За жал татко ми сега е во болница и се опоравува по тортурата која ја доживеал“, заклучил Микел.