Златко Далиќ и неговата Хрватска, предводена од капитенот Модриќ, голманот Ливаковиќ, младиот бисер Јошко Гвардиол и останатите јунаци, одново го фасцинираа светот.
Откако во 2018-та година Хрватите стигнаа до големото финале на Светско првенство во Русија после големи битки, истиот подвиг го повторија и сега во Катар.
Му се исправија на силниот и голем Бразил, екипа оправдано фаворит број 1 на Мундијалот според имињата и составот. Кариоките како и во групната фаза, така и вечерва тргнаа во блага офанзива, без поголем притисок на противничка половина.
Дисциплираната Хрватска, сјајно поставена во два блока пред Ливаковиќ, солидно ги покри сите напади на Нејмар, Винисиус, Ришарлишон...
Избраниците на Далиќ се одлучија и на висок пресинг во еден дел од мечот и тоа им донесе уште поголема стабилност во игра, затоа што одбраната можеше да здивне.
Мора да се истакне и дека играч на мечот вечерва беше хрватскиот голман Доминик Ливаковиќ кој бранеше неверојатно и кој после лудата пенал серија против Јапонија, блескаше и вечерва со неколку фатени зицери.
Ливаковиќ беше нерешлива енигма за Нејмар, Ришарлисон и Каземиро.
Во вториот дел со неколку излети на противничка половина, Хрватска се обиде и да го отвори резултатот, но бразилската одбрана беше на ниво. И прилично мирен фудбал без преголеми шанси се играше и во вторите 45 минути, па мечот замина во продолженија.
А таму најпрвин Нејмар направи дар-мар со неговите соиграчи од нападот и Бразил поведе со 1:0 во 105+1’ минута од продолжението:
На актуелниот светски вицешампион не му преостана ништо друго освен да тргне кон израмнување. Селекторот Далиќ ја стана од клупата цела офанзивна артилерија па нападот во еден момент беше со тројца класични центарфори.
Токму резервистот Мислав Оршиќ со неговиот соиграч од Динамо Загреб, Бруно Петковиќ беа најзаслужни за лудото израмнување на Хрватска во 117’ минута. Првиот центрираше по една полу-контра, а вториот распали од прва па по одбиената топка голманот на Бразил Алисон остана во расчекор и беше совладан за 1-1:
Ова значеше дека мечот оди на пенали. А таму, вторпат на Светското, во пенал рулетот подобра и посреќна беше Хрватска која оди во големото полуфинале каде ќе го чека подобриот од дуелот Аргентина - Холандија.