До пред неколку години најголема желба на новиот предводник на бранот талентирани шпански репрезентативци била да игра во првиот тим на Лас Палмас во Сегунда.
Виктор Мачин Перез е целото име на Витоло, фудбалерот кој надвор од теренот е несериозен и опуштен, но кога ќе истрча на тревникот е сосема поинаков. Витоло е роден во Лас Палмас и од детството бил во клубот од родниот град каде го прошол патот од дете кое собира топки до првотимец.
На почеток идол му бил Бразилецот Роналдо, а потоа херој на малиот Витоло станал англискиот стопер Вини Семвејс кој бил дел од „Жолтите канари“ на крајот од ’90-те години до почетокот на ’2000-те кога му помогнал на клубот во Примера.
Десет години Витоло играл за разни категории на клубот за да стигне до деби во првиот тим на Лас Палмас. Се се сменило во октомври 2010. година после повредата на предните лигаменти на мечот против Рајо Ваљекано во втората лига.
„Се трудев што побрзо да се опоравам и ги следев упатствата на лекарите. Тој период многу ми помогна да осознаам колку ми значи фудбалот“, раскажува Шпанецот.
Постепено Лас Палмас од аутсајдер стануваше претендент на зоната на плејоф, а Витоло стана главен играч по враќањето од повредата. Во сезоната 2012/2013 „Жолтите“ влегоа во плејоф, но загубија од Алмерија.
На лисецот Рамон Мончи, најдобриот спортски директор во Европа не му избега од вид најдобриот фудбалер во Сегунда и го донесе за само 3 милиони евра. Во летото 2013-та Витоло му се стави на располагање на Унај Емери во Севиља. Уште во првата сезона во Андалузија фантастичното крило одигра повеќе од 40 меча, постигна 8 гола и ја освои Лига Европа.
Во пролетта 2015-та, на мечот од 1/8 финале на Лига Европа против Виљареал Витоло го даде најбрзиот гол во историјата на овој турнир (13-та секунда). На крајот од сезоната Шпанецот го крена трофејот од Лига Европа над главата а неколку дена подоцна фатил автобус да го гледа враќањето на неговиот Лас Палмас во Примера.
Истата година од соништата Витоло ја круниса со влез во шпанската репрезентација за која дебитираше на пријателската против Холандија. Одигра уште два меча за „Црвената фурија“ но не се избори за место за Евро2016.
Таквиот епилог дополнително го мотивираше да се докаже на почетокот на циклусот квалификации за СП 2018: 4 гола на 5 меча во група (даде гол против Македонија во Гранада и против Италија) Заедно со Диего Коста е најдобриот стрелец на Шпанците кои сигурно чекорат кон Мундијалот во Русија.
На теренот Витоло не прифаќа авторитети и спремен е на се само да и донесе победа на Севиља. Во јануарскиот меч против Реал, Витоло намерно го испровоцира Кристијано Роналдо пред Португалецот да изведе пенал. По краткото кошкање Кристијано даде гол, но на крајот Севиља славеше победа.
Во август 2016-та, на „Рамон Санчез Писхуан“ стигнала многу необична понуда - 35 милиони евра за Виктор од Динамо Киев. Клубот прифатил трансфер, но репрезентативецот на Шпанија одбил 4-годишен договор во земја каде не би можел да напредува и го продолжил договорот со Севиљците.
После неколку недели вредноста на сјајниот крилен напаѓач достигнала до 35 милиони евра колку што нудел Атлетико Мадрид, но Витоло бил свесен за суспензијата на „Јорганџиите“ кои до јануари 2018-та нема да можат да регистираат нови играчи. За неговиот потпис сега има сериозна конкуренција меѓу Барса, Атлетико и Реал Мадрид, а Витоло многу не размислува за тоа и секое слободно време го користи да тркне до Канарија и да го гледа својот омилен клуб.
Во јуни на „Филип Втори Арената“ Витоло најверојатно ќе ја предводи армијата на генерал Лопетеги на меч против нашата селекција.