Новиот јунак на „Олд Трафорд“ кој Фергусон го претскажа пред 6 години

Некогашното дете од школата на Манчестер Јунајтед денес го носи целиот прв тим во моменти кога на соиграчите не им оди баш најдобро. Го ашкаа по позајмици во втора лига за да се врати на „Олд Трафорд“ како зрел играч спремен за настап на Мундијалот 2018.

Се испостави дека декември беше тежок месец за Манчестер Јунајтед: заостанаа -15 бода зад Сити, играа три нерешени по ред со Лестер, Барнли и Саутемптон, испаднаа од Лига Купот, се погласно се зборуваше за конфликт меѓу Мурињо и Михтарјан, шпекулации околу летно заминување на Жозе...

Во тој мрачен период се појави само еден извор на радост - Џеси Лингард, кој за еден месец постигна 5 гола и ја спаси екипата на неколку натпревари.

Два гола на Џеси на „Емирејтс“ му донесоа голем триумф на Манчестер над Арсенал (1:3). Лингард даде победнички гол и против Вест Бромвич (2:1), а откако влезе од клупата за резерви во второто полувреме на мечот против Барнли од безнадежни 0:2, му донесе на Јунајтед голем бод 2:2 (два гола на Лингард, еден во судиското продолжение).

Во декември Џеси Лингард на Јунајтед му донесе 7 бодови и беше најдобар играч така што ги лиши навивачите од било какво двоумење: го избраа за најдобар играч на месецот со резултат 85% од гласовите.

Уште понеобично е што Лингард првпат во сезонава заигра од почеток во Премиер лига на 21 октомври. До тој момент постојано беше резерва на клупата, поради тоа што во составот има многу универзалци на неговата позиција: Решфорд, Мата, Марсијал и Хенрих Михтарјан.

Одличните настапи на Лингард не престанаа ниту по Новата година. На 1. јануари Џеси го постигна вториот, и тоа каков гол против Евертон на гости (0:2). На 5. јануари англискиот репрезентативец го даде и победничкиот гол против Дерби Каунти во Купот на Англија: ја прими топката и распали со десна нога за ефектен погодок.

Од детство за Манчестер Јунајтед

Џеси се родил и живеел во градчето Ворингтон коешто се наоѓа точно на средина меѓу Манчестер и Ливерпул. Малиот Лингард го избрал Јунајтед уште од рано детство.

Кога и Манчестер и Ливерпул пратиле скаути на некој школски турнир 7-годишниот Џеси не размислувал за Мерсисајд и „Енфилд Роуд“. „Уште бев малечок, но срцето веќе ми беше на ’Олд Трафорд’, го објаснил својот избор младиот Лингард пред некоја година.

Алекс Фергусон го претскажал неговиот талент уште пред шест години

Џеси неколку пати бил во првиот тим на Манчестер Јунајтед уште на 19 години, но на теренот не дебитирал, па во 2012-та, последната година на сер Алекс Фергусон во Манчестер, Лингард бил пратен на позајмица во Лестер.

Ферги еднаш го опишувал талентот на Џеси и уште тогаш пред позајмицата рекол:

„Џеси ќе биде одличен играч. Има 19 години, тој е дете од нашата академија и изгледа како Жан Тигана (францускиот полушпиц кој освои злато на Европско 1984 и бронза на СП 1986). Тигана не привлекуваше воопшто внимание до 24 години и мислам дека така ќе биде и со Лингард. Тој е најталентиран за позицијата полушпиц“, рекол Фергусон.

Играл во Лестер, додека Јанузај играше за Манчестер

Во сезоната пред онаа шампионската на Лестер, Лингард одиграл вкупно 5 меча за „Лисиците“, но се вратил во Јунајтед со поголема доверба за да се пробие во составот на новиот тренер Дејвид Мојес.

На почеток не било лошо: Лингард дал пет гола во предсезоната, но Мојес решил да го прати на позајмица, а потоа на уште една. Тренерот на Бирмингем Ли Кларк уживал да работи со таков играч: „Кај секој играч на Манчестер Јунајтед има неверојатна работна етика. Тој е одличен пример за нашите млади играчи. Се надевам дека во Манчестер ќе го следат Џеси и ќе видат дека ужива во фудбалот“:

Кога дошла зима, Јунајтед го вратил Лингард од Бирмингем кој бил на дното на табелата и го пратил на малку посериозна позајмица во Брајтон. Во таа година тој клуб доживеа подем по изградбата на новиот стадион но никако не успеваа да го минат тешкиот плејоф во Чемпионшип.

Дебито на Џеси Лингард за Манчестер Јунајтед се случило во 2014 година кога тренер на „Црвените ѓаволи“ стана Луј ван Гал. Лингард влезе на теренот во првото коло од Премиер лигата 2014/15, но уште во првиот дел се повреди и беше заменет со Аднан Јанузај. До февруари Лингард не играл, а потоа одново го пратиле на заем овојпат во Дерби Каунти.

Тренерот на Дерби Каунти во 2014-та, Стив Мекларен неодамна изјавил: „Јас уште тогаш видов потенцијал во него и пријатно набљудував како ќе го реализира. Тој е уникален: има силно забрзување, добар дриблинг, пас и силен шут. Уште и работи без топка, помага во одбраната. Тој е најпрогресивниот играч сезонава“.

Од денешна перспектива тешко е да се замисли, но кога Лингард трчал по второлигашките терени, за Манчестер играше Јанузај. Белгиецот дебитираше одлично, потпиша договор со Nike и се фалеше на Фејсбук дека сака да заработува колку и големиот голфист Тајгер Вудс. Таквиот однос тешко поминува на „Олд Трафорд“.

Лингард се вратил во Јунајтед пред почетокот на сезоната 2015/2016. Тогаш имал 23 години и неговото враќање се совпаднало со заминувањето на Јанузај кој таа сезона бил пуштен на позајмица во Борусија Дортмунд.

На 25. октомври 2015-та Лингард првпат се појавил во составот на Манчестер Јунајтед како резерва. Ван Гал бил задоволен: „Не е во моите принципи да коментирам, но тој е многу умен играч. Покажа дека здраво ја чита играта“.

За пробив во првиот тим на Јунајтед Џеси му е благодарен на Холанѓанецот: „Ван Гал ми даде самодоверба, ми веруваше, ми даде шанса. Да беше некој друг тренер, тоа немаше да се случи“, искрен е Лингард.

Но на крајот Џеси лесно можел да остане без договор во Манчестер ако не го викнеле да игра за младинската репрезентација на Англија на ЕП 2015. Лингард и таму бил резерва - во квалификациите ниту еднаш не играл во првите 11, а кога го пуштале не бил корисен ниту против Сан Марино. Главни ѕвезди во тимот тогаш биле Хари Кејн, Стоунс, Натан Редмонд (Саутемптон).

На Европското У-21 Англија не ја мина групата: изгубија од Португалија и Италија и едвај победија против Шведска кога Лингард им ги донел единствените бодови со гол.

ДРУЖБА СО ПОГБА

Лингард е во идеални односи со Пол Погба. Двајцата заедно одат на тренинг, танцуваат после головите и го слушаат Дрејк. Џеси Лингард и Пол почнале да се дружат уште во академијата на Манчестер Јунајтед. Интересно е што од шампионскиот состав на младинците кои во 2011-та го освоиле Купот на Англија, во првиот тим стасале само они двајца.

Логично, Лингард бил еден до тие кои го заменуваа Погба кога тој блескаше во Јувентус.

Џеси не е баш од скромните деца, туку важи за човек кој сака да излегува редовно. На крајот од минатата сезона го прогласија за фудбалер со најдобар развој во Премиер лигата а тој во меѓувреме почнал да се дружи со Американката Џени Фрумс. Џеси се запознал со неа преку социјалните мрежи, а таа легнувала порано во САД за да можела да ги гледа неговите дуели во Англија и често летала до Манчестер.

Пред Нова година, хроничарите на животот на познатите фудбалери од The Sun раскажале за случка после поразот на Јунајтед од Манчестер Сити.

Лингард заедно со Рашфорд и уште некое дете од младинската школа на Манчестер играле PlayStation а во еден момент ја викнал познатата 32-годишна навивачка на Јунајтед, Леони Борек. Таа била непријатно изненадена кога го видела целото друштво, но кога другарите на Лингард заминале, Џеси се дружел со неа цела ноќ а на крај и подарил копачки со негов автограм и дрес од Манчестер.

Девојката не знаела дека тој имал девојка и ја искористил па за The Sun изјавила: „Просто ме искористи. Се што му требаше на Лингард беше секс. Тој не знае да се однесува со девојка. Тој е детиште кој живее живот како милионер. Просто ужасно се однесува“, рекла Борек.

Лингард не прокоментирал ништо но после голот против Евертон покажа со прстот како замолкнува па на Твитер под фотографијата напиша: „Не зборувај многу“.

Лингард го носи Манчестер Јунајтед периодов и тој е една од главните ѕвезди во лигата. Досега даде 7 гола повеќе од Азар, Мане и Деле Али. А од почетокот на декември од него повеќе погодоци постигна само Хари Кејн.

Дури и суровиот Жозе Мурињо не крие комплименти за Англичанецот: „Џеси го направи неопходниот чекор кога ќе се прејде од категорија на врвни играчи а не просечни“.