Нова ранг листа на ФИФА, Македонија без промени ја завршува годината

Македонската фудбалска репрезентација историската година во која за првпат се појави на едно големо Европско првенство, ја завршува на 67.место на ФИФА ранг-листата што е далеку од најдобрата наша позиција.

Годинава 2021-ва која полека изминува, за првпат во историјата се појавивме на Европското првенство, а потоа во текот на есенва осигуравме и прв историски бараж за пласман на Мундијалот во Катар 2022 година. Никогаш претходно не сме биле втори во група на квалификации за Светско првенство.

На последното ФИФА рангирање за календарскава година нема  никакви промени во нашиот ранкинг во однос на оној од пред еден месец во ноември.

Годинава највисок, најдобар пласман на ФИФА ранкгингот имавме на 62. место во април и мај. Ланската 2020 година ја финиширавме на 65. место.

Белгија и натаму останува на чело на табелата, пред Бразил и светскиот шампион Франција. Потоа следуваат Англија, јужно-американскиот првак Аргентина, европскиот шампион Италија, Шпанија, Португалија, а најдобрите 10 се затвораат со во квалификациите за СП2022 неверојатната Данска и со Ван Гал разбудената Холандија.

Нашите следни противници во Лигата на нации, соседот Бугарија е на 71-то место,  Грузија е 85-та, а сè подобриот Гибралатар е 203-ти.

23 декември 2021 - 13:17