Нова доминантна партија на Никола Јокиќ во дербито на Западот

Во дербито на вечерта, актуелниот шампион Денвер Нагетс славеше триумф на гостински паркет против силната Минесота Тимбервулвс 115:112.

Во дуел кој беше неизвесен до самиот крај и кој го реши Џамал Мареј со две погодени слободни фрлања на четири секунди пред крајот, Никола Јокиќ одигра нова сјајна партија.

Српскиот репрезентативец постигна 35 поени со 16 скока, две асистенции и три изгубени топки за 38 минути на терен. Никола Јокиќ шутираше 14/22 од игра и имаше 3/4 за три поени со 4/6 погодени слободни фрлања.

Фантастична вечер имаше и Мајкл Портер со 36 поени, Џамал Мареј додаде 18 поени со 11 асистенции а Арон Гордон запиша 14 поени со 11 скока за дабл-дабл учинок како Јокиќ и Мареј.

Кај домаќинот, лидерот Едвардс уфрли 30 поени со осум скока и осум асистенции а Џејден Мекданиелс уфрли 26 поени со шест скока.

Денвер Нагетс после ова славје има најмногу победи (48) на Западот а во целата НБА лига Бостон Селтикс има 54 триумфи. Во следното коло Нагетс играат со Њујорк Никс а Минесота ќе се судри со Кливленд Кавалирс.

20 март 2024 - 08:31