По најавата за заминувањето на Сергеј Самсоненко од сите три екипи на Вардар, нова неочекувана вест денеска беше објавена на сајтот на ФК Вардар. Од таборот на Црвено-црните си заминува и Гоце Седлоски и тоа на само два дена пред важниот дуел против Фенербахче во Скопје.
Вардар со него освои две шампионски титули во македонското првенство, го мина фаворитот Малме во 2-то квалификациско коло за Лига на шампиони, а потоа беше елиминиран од Копенхаген во 3-то коло, откако претходно успеа да домашен терен да слави со 1:0.
„Почитувани.
Јас, Гоце Седлоски денес донесов одлука да си поднесам оставка од местото шеф на стручен штаб на ФК Вардар, за доброто на сите во клубот. Ова размислував да го направам уште после вториот натпревар со ФК Копенхаген кој што го загубивме. Сепак, успеав да соберам сили и да го започнам македонското првенство. После загубениот натпревар со Шкендија, овие два дена размислував добро и денеска ја донесов оваа одлука. Тие два порази ме погодија многу бидејќи јас како човек не сум навикнат да губам, но и фудбалскиот клуб Вардар не е навикнат на порази.
Горд сум на постигнатото. Успеавме да освоиме две титули во две години, а горд сум и напобедата над Малме и пласманот во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите, какои домашната победа со Копенхаген.
Сакам да се заблагодарам на играчите, управата и до сопственикот г-нот Сергеј Самсоненко од кој имав несебична поддршка во целиот период. Благодарност и до сите вработени во Фудбалскиот клуб Вардар. Жалам, дојде време да се разделиме. На фудбалскиот клуб Вардар му посакувам успех на европска сцена во плеј-офот од Лигата на Европа против Фенербахче, како и во домашното првенство и Купот на Македонија“, стои во соопштението на Гоце Седлоски.
Синоќа пренесовме тврдење на Фејсбук страницата „Вардарова Колекција“ дека сите вработени во ФК, РК и ЖРК Вардар немаат добиено плата од април, за што побаравме став и во клубот од каде сè уште чекаме одговор.
Инаку Вардар вчера се засили со двајца нови фудбалери. Тоа се 22 годишниот играч од среден ред Мустафа Куајнoр од Гана кој има играно во Кипар и Австралија и надежниот бразилски напаѓач Итало.