Вардарова колекција тврди:

Во Вардар немаат земено плата од април

Иако насловот звучи дека потекнува од годините кога Вардар немаше секретарка, сепак и во овие златни времиња за клубот кој ја има најдобрата инфраструктура и најстабилните финансии од своето постоење, се појавија тврдења за кои зборува и чаршијата.

Од Фејсбук страницата „Вардарова колекција“ излегоа со тврдења кои веројатно ќе звучат шокантно и неверојатно за јавноста, со оглед на тоа колку стабилно и на висока нога сопственикот Сергеј Самсоненко ги држи сите три екипи на Вардар изминативе неколку години.

Нивниот став во целост:

Сценариото за негово заминување, кое неколку месеци наназад се спремаше, излезе на виделина. Самсоненко наводно „разочаран“ од лавината критики и навреди упатени према него (некои од нив и беа претерани), а кои всушност самиот ги предизвика со што им стапна на жуљ на вардаровите поклоници, реши да се повлече од Вардар, искористувајќи го тоа како алиби.

Ете сега кога јавно го обзнани своето „повлекување“, ред е да се откријат некои детали, со кои поголемиот дел од јавноста не е добро запознаен. За подобро упатените околу приликите во Вардар, неговата одлука за заминување не е никакво изненадување. Таа била спремна уште пред Ф4 во Келн, но веројатно титулата европски ракометен првак ја пролонгира истата само на неодредено време. Како што е јавна тајна дека сите вработени во ФК, РК и ЖРК Вардар немаат добиено плата од април, дека подолго време не им е платено здравствено осигурување на играчите, дека ниту една наша банка не му ги одобруваат барањата за кредит и уште ред други работи, но очигледно сите ги премолчуваа овие факти за мир во куќа, пред значајните европските настапи ова лето, а тој сега со обзнанување на одлуката ја осуди однапред цела сезона на пропаст.

В.Колекција никогаш не се занимавала со потеклото на парите на сопственикот на клубот, нас не интересира исклучиво спортскиот дел, но самиот Самсоненко со појавувањето во предизборен спот и вмешувањето на Вардар во целата таа прича, поради што никогаш не ги освои комплетно симпатиите на црвено-црната јавност, им даде повод на спротивниот табор за негово дискредитирање, иако на истите тие лицемери, што беа најгласни во критиките, не им беше проблем да ликуваат на успесите на Вардар, меѓу нив и актуелни пратеници, директори на јавни установи и градоначалници.

Рака на срце, ФК Вардар ни оддалеку не ги постигна целите кои се најавуваа при неговиот влез, освен ако шампионската титула во Македонија се смета за постигнување на некаква цел. Некако постојано се оставаше впечаток дека фудбалскиот клуб е во крајно подредена улога на двата ракометни. Точно е дека се создаде инфраструктура, колку што ни одблиску не се создала во претходните 67 години постоење на клубот, но лебди во воздух прашањето што со таа инфраструктура. Факт е дека не може да си ја носи во Русија, но еве јавно прашуваме на чие име се води цела таа инфраструктура, изградена во тој период од 3 години, и што фајде од истата ако заврши во нечии други раце, а не остане на Вардар?!? Многу суштинско прашање на кое сите треба да се подзамислиме...

Виа

14 август 2017 - 13:18