По убедливиот триумф од 3:1 на Јувентус над Наполи, извршниот директор и генерален менаџер на клубот Бепе Марота со студена вода ги олади навивачите:
„Со Ањели (претседателот на Јуве, Андреа) не се сложувавме во работата веќе некое време. Одлуката е на клубот.
Клубот спрема продолжување на договорите со вработените. Мојот мандат како генерален менаџер истекува на 25 октомври а листата од советот на директори која ќе биде презентирана во понеделник не го содржи моето име“, ги збунил Марота присутните новинари и колеги.
„До тогаш (25 октомври) ќе останам на својата позиција, но сакав да го објавам соопштениево со цел да избегнеме шпекулации. Имав осум прекрасни години овде, многу успешни и Јувентус засекогаш ќе остане во моето срце.
Бепе Марота ја искористил приликата и катерогично да ги демантира наодите дека „се остри“ да стане претседател на Фудбалската федерација на Италија.
„Категорично ја исклучувам таа можност да станам кандидат за претседател на Федерацијата. Тоа не ме интересира. Сакам да продолжам во друг клуб од следната сезона, тоа го сакам затоа што 40 години по ред работам во клубови и никога не сум го прекинал тоа. Ова е првпат да паузирам додека трае сезоната и можеби е право време да ги наполнам батериите. Се надевам дека ќе бидам во друг клуб од 2019/2020.
Марота (61) дојде во Торино во 2010 година откако 8 години работеше како генерален менаџер на Сампдорија.
„Јас сум бизнисмен и целосно разбирам за бизнис одлуката на клубот, но убеден сум дека сум дал сто одсто од себе во годиниве на успех. Поминав многу емоции во последните осум или девет години и сите беа прекрасни. Ако Јуве стигне до финалето на Лига на шампиони, би бил среќен затоа што тоа би бил плод и од мојата работа и работата на моите помошници. Ако стигнат до таму, ќе одам да ги бодрам како навивач. Првото Скуето кое го освоивме во Трст (2012-та) е најубавиот спомен што ќе го чувам“, рекол Марота во последното обраќање како вработен во Јувентус.
ПРИКАЗНАТА ЗА ПАТОТ НА БЕПЕ МАРОТА
Збунет останал и тренерот Масимилијано Алегри кој рекол дека му е жал што Марота заминува затоа што со него поминал четири ипол успешни години и дека оваа вест и за него е новост и неочекувана разврска на која ќе треба да се навикне со екипата.
Торинсикиот Tuttosport сериозно го поврзува Марота со Милан од неколку причини: прво престижот и можноста да оди нагоре во својата работа, второ со влегувањето на милијардерот Газидис во Милан (дојде од Арсенал), компанијата која што го води овој клуб Elliot би можела повторно да го бара Марота.
Повторно ѕатоа што на почетокот на август годинава го контактирале да видат дали е расположен да се пресели на "Сан Сиро", на што Бепе им одговорил: "Не, благодарам, не можам да го напуштам Јувентус."
За наследник на Бепе Марота се споменуваат неколку имиња од кои најзвучно е она на Зинедин Зидан. Тука е и Фабио Паратичи, уште еден сериозно добар оперативец кој е заслужен за многу успеси на Јувентус и во кого управата на Јуве има многу доверба. Се споменува и Мишеле Ува - актуелен потпретседател на УЕФА и актуелен извршен директор во Италијанската фудбалска федерација.