„Нема веќе фудбал како легендарниот Танго“ - голманите се жалат од топката за СП 2018

Пар светски врвни голмани се пожалија за квалитетот на официјалната фудбалска топка со која ќе се игра Светското во Русија. А не се први вакви поплаки за топка.

До почетокот на Мундијалот има нешто повеќе од два месеци, а јавноста иако е далеку од тој 14. јуни, веќе ги слушна првите полемики. Во центарот не е некој играч, ниту тренер, ниту судија. Овојпат расправата се поведе околу топката - новиот фудбал Telstar 18.

„Чудна е, фаќа непредвидливи траектории и далеку е од идеална. Да се спремиме за многу голови од далечина кои ќе паднат на Светското. Скоро невозможно е да ѝ го процениш летот. А башка што е обвиена со некоја чудна пластика која ја прави уште потешка за фаќање. Можеле да ја направат подобро“, се пожали Пепе Реина, голман со богато искуство и четири Светски првенства зад него. Реина летово ќе премине од Наполи во Милан.

Официјалната нова топка за Светското во Русија сакале да ја направат слична како оригиналниот Telstar, фудбалска топка која дебитирала на Светското во Мексико 1970-та, но ништо од тоа.

„Многу е чудна“, се придодаде колегата на Реина од репрезентацијата, Давид де Хеа, а свое видување имаше и Тер Штеген од Барселона:

„Топката мора да ја подобрат, но сомневам дека ќе интервенираат за да ја оправат. Мора да се навикнеме на работа со неа и да се обидеме да и ги сфатиме карактеристиките пред почетокот на Светското“, рекол првиот голман на Германија во отсуство на повредениот Ноер.

Фудбалот со кој ќе се играат натпреварите на Светско 2018

НЕ Е ПРВПАТ ДА СЕ ПЦУЕ НОВА ТОПКА

Критиките со кои се соочува Adidas за новата топка пред едно Светско не се нови. Ако ја тргнеме полемиката на страна од 1930-та за тогашниот историски Model T (користен само во второ полувреме на финалето меѓу Уругвај и Аргентина), топка која што ја „напаѓале“ поради тоа што била од многу тежок материјал, од 2002-ра до денес имаше многу жалби.

Голманите се бунеа и пред Светското во Јапонија и Јужна Кореја во 2002 кога беше промовирана новата топка за таа прилика, Fevernova, првата топка по ерата на легендарниот фудбал Tango. Произведен од тенка синтетика, овој фудбал го сметаа за „балонка“ која што им го отежнуваше животот на голманите.

Англичаните на пример ден-денес ја криват оваа топка за голот кој им го даде Роналдињо од слободен удар кога Симан не знаеш каде се наоѓа.

Легендарната топка Танго

Ништо подобро не помина ниту топката Teamgeist од 2006-та за Светското во Германија. Ја критикуваа дека многу брзо менува правец на теренот кога се игра на влажно игралиште, на дожд. Речиси парадоксално затоа што ја најавуваа како топка на која не може да и влијаат временските услови.

Тоа најдобро го увиде голманот на Јапонија кој прими гол од Жунињо Пернамбукано:

Кулминацијата на критиките се случи со мизерната Џабулани, топка за Светското во Јужна Африка 2010. Толку била лесна како балон што фаќала непредвидливи траектории па се бунеа и експерти како Буфон и Касиљас. Италијанецот тогаш рече дека Џабуланито е како топка за на плажа.

Од неа профитираше Кејсуке Хонда на мечот Јапонија - Данска.

Adidas даде знаци дека ја научил лекцијата во 2014-та за Светското во Бразил кога ја произведе топката Brazuca, далеку постабилна од сите претходни топки. Какви искуства ќе имаат голманите и играчите со топката Telstar 201 на Мундијалот во Русија летово останува да видиме.