Најубавиот гол на сезоната во Германија го даде магичен Бразилец од Лајпциг

Минатиот викенд во Бундеслигата играа Баер Леверкузен и РБ Лајпциг. Во прво полувреме два гола за домаќините даде чудото од дете Кај Хаверц, но Лајпциг до крајот прави целосен пресврт благодарение на Бразилецот Матеус Куња.

Меѓу двата гола на Хаверц, кој важи за најголем германски талент во моментов, гостите постигнаа погодок преку Марсел Забитцер, а пресвртот стигна по головите на Тимо Вернер и Емил Форсберг.

А во 83’ минута Бразилецот Куња даде неверојатен гол откако го изведе најпознатиот дриблинг на Зидан со ролинг, па уште и го лобуваше голманот на Баер за конечни 2-4:

„Видов како топката оди накај мене, а стоперот малку избега од позицијата, па просто решив да ја фатам топката и да дадам гол. Кога видов каде е бекот, решив да го финтирам. Се се заврши со гол, а беше многу симпатичен“, рекол Куња после мечот.

Порција пофалби добил и од соиграчите:

„На тренинзи тој постојано пробува такви нешта“, вели Конрад Лајмер фудбалер од среден ред на Лајпциг.

„Не поверувавме на нашите очи што гледаме. Но дечкото е Бразилец“, рекол тренерот на РБ Лајпциг, Ралф Рањик.

КОЈ Е МАТЕУС КУЊА?

Тој е дете на клубот Коритиба во Бразил, но во татковината не одиграл ниту еден меч на професионално ниво со сениори. Право од тимот до 19 години се преселил во Европа - поточно во швајцарски Сион.

Веќе во првата сезона во Швајцарија 18-годишниот Бразилец постигнал 10 гола и имал 8 асистенции. Станал најдобар играч на екипата. Во последното коло Матеус Куња го забележал и првиот хет-трик во кариерата. Може да игра како централен шпиц, а може и на крило, и како втор напаѓач.

По крајот на сезоната во Швајцарија, Куња експрено потпишал со РБ Лајпциг за 15 милиони евра (10 пати повеќе од неговата вредност споредtransfermarkt.co.uk). Бундеслигашите од неодамна внимателно ги следат соседните лиги и ги купуваат најталентираните фудбалери.

Во германскиот клуб кој не го сакаат мнозинството германски навивачи и го сметаат за вештачки клуб, Бразилецот на почеток бил резерва и постепено влегувал од клупата.

Уште на првиот меч во кој влегол од почеток, тој постигнал прекрасен гол од далечина против Херта во Берлин. Набрзо дал гол и во Купот против Волфсбург кога го внесе Лајпциг во полуфиналето.

После сезоната во Швајцарија, тој слободно зборува француски јазик, а во Лајпциг веќе некое време дава интервјуа на солиден германски јазик. Куња вели дека ја обожава Европа.

„Овде фудбалот и целата култура е како во Бразил. Стадионите секаде се полни, многу весели навивачи. Но се става помал акцент на техниката, а повеќе на брзина и снага. Така што збирот на тактика, техника и ментална сила ме прават многу среќен“, рекол Куња во интервју за Bild.

Со оглед на тоа што првиот шпиц на РБ Лајпциг, германскиот репрезентативец наскоро би требал да се пресели во Баерн Минхен, треба да се следи неговиот наследник кој ќе заигра како прв центарфор.