На 23 октомври 1993 година во бразилскиот град Кампинас, во семејството на скромните работници Розангела да Силва и Жоао Роберто се родило третето дете. Го крстиле Фабио Енрике Таварес, нам попознат како Фабињо.
Уште од најрана возраст не сакал ниту една друга играчка освен фудбалската топка, со другарите играл само фудбал и за очекување било да стане фудбалер. Неговата фудбалска кариера почнала на 7 години, практично од првиот ден кога седнал во школска клупа. На почеток се занимавал со футсал, со мал фудбал којшто од рана возраст му дал многу технички можности.
Во 2006 година кога имал 12 години Фабио го запишале во фудбалската школа на еден мал клуб од предградието на градот Кампинас. Неговиот прв тренер Ерик Мартинс уште тогаш рекол дека Фабио е многу вреден, борбен, дисциплиниран и поспремен од другите деца да ја чита тактиката.
Родителите како да се помириле дека фудбалот му е пред школото и не се спротивставиле.
***
После пет години веќе се развил во одличен играч и преминал во 4-кратниот шампион на Бразил, Флуминенсе со кој потпишал договор како слободен агент.
Скаутите на „Флу“ го приметиле Фабињо на еден од турнирите во Сао Пауло и го викнале на проба. Но Фабињо не заиграл за првиот тим, туку најчесто бил на клупата за резерви.
Уште тогаш приоритет од младите играчи во прв тим имале Марсело и Ришарлисон.
По една година во Флуминенсе, фудбалерот од среден ред Фабињо решил да отплови кон европскиот континент. Прв негов клуб во Европа станал португалскиот Рио Аве кој за него платил 510.000 евра и брзо го пратил на позајмица во Кастиља - вториот тим на гигантот Реал Мадрид.
„Кога слушав како разговараше со татко му откако на Жоао му се јавија од Европа, тоа беше неверојатна среќа за сите нас, а Фабио заплака од радост“, се сеќава мајка му на Фабињо.
Најпознатиот фудбалски агент на светот Жорже Мендез од прва го видел потенцијалот на Бразилецот и освен на Кристијано Роналдо, Жозе Мурињо и стотици други играчи, клиент на „супер-менаџерот“ станал и младиот Фабињо.
Португалецот Мендез го пратил во Реал Кастиља со надеж дека еден ден Жозе Мурињо ќе го стаави во првиот тим.
Стручниот штаб на Мурињо тогаш во Реал на почеток го гледал Фабињо како замена за Даниел Карвахал кој во 2012 година замина да игра во Баер Леверкузен. Но за „кралскиот клуб“ на Фабињо му било судено да одигра само еден меч. На 8 мај 2013 година против Малага влегол од клупата во 76’ минута наместо Фабио Коентрао и успеал да му асистира на Ди Марија за гол.
Кога станало јасно дека многу тешко се наоѓа место во составот на „галактикос“, а плус тоа што Мурињо не сака многу да се потпира на млади фудбалери, Фабио сфатил дека треба да смени средина.
Го пратиле на двегодишна позајмица во Монако за кој запишал дури 62 меча, а како бек постигнал и еден гол. Во 2015 година Монако сакал да го откупи договорот на Фабињо од Рио Аве а неговиот трансфер изнесувал 6 милиони евра.
Детето од бразилските улици остана цели пет години во кнежевството, стана најстандарден фудбалер, одигра 232 меча и постигна 31 гол, што не е наивно за фудбалер кој игра пред одбраната.
Пред почетокот на минатата сезона се појави информација дека Фабињо го бојкотирал мечот со Марсеј и не се појавил на тренинг затоа што управата на Монако наводно не сакала да го продаде во конкурентот ПСЖ.
На Бразилецот му ветиле трансфер следното лето ако во тековната сезона (лани) му помогне на клубот да оствари подобар резултат.
Фабињо никогаш претходно во кариерата не се скарал со соиграч од екипата, не бегал од тренинзи. Иако неговото поведение било поврзано со неговата нарав, тој нема лош карактер, пишува L'Equipe.
„Ова е моја петта сезона во Монако. Мислам дека е време да се развивам уште како играч затоа што веќе го испишав моето име во историјата на клубот, особено по освоената шампионска титула минатата сезона. Клубот 18 години не освои титула а ние му помогнавме и одигравме добро и во Лига на шампиони. Ќе се потрудам екипата да направи поголем успех“, рекол Фабињо во текот на минатата сезона.
Монако изминатата сезона не го повтори големиот успех, не освои титула која му беше резервирана на ПСЖ, но клубот уште еднаш ја потврди репутацијата дека е клуб кој заработува најмногу на светот - повеќе и од Бенфика и Порто.
„Црвено-белите“ за астрономски суму ги продадоа Килиан Мбапе, Бернардо Силва, Бенжамин Менди, Тјему Бакајоко и други. И покрај тоа што ги продадоа сите ѕвезди, на крајот смогнаа сили и завршија втори во Лига 1.
На 1 јули 2018 годиа Ливерпул официјално објави за трансферот на бразилскиот фудбалер Фабињо - вреден 45 милиони евра (+5 милиони во вид на разни бонуси). Луѓето од „Енфилд“ ја победија конкуренцијата на Арсенал, Атлетик Мадрид, Јувентус и ПСЖ кои го следеле играчот за врска.
****
Фабињо не може да се пофали со богата галерија на трофеи и негова најголема победа во кариерата е освоената титула во Франција 2016/2017. Затоа летово тој решил да замине во Ливерпул каде ќе се бори за трофеи.
Уште минатата зима Фабињо изјавил дека неговото време во Монако е завршено и дека му треба нов предизвик во кариерата.
Најзадоволен од трансферот бил и Јирген Клоп:
„Потпишавме фантастичен играч. Неговата репутација во соблекувалната и неговиот однос кон тренинзите се неверојатни. Во него добивме играч на највисоко ниво за неколку позиции. Може да игра “6“, “8“ и “2“. Тоа е многу добро. Тактички е многу зрел. Мислам дека ќе ја подобри екипата. Ми се допаѓа и што е уште млад“.
Во Ливерпул Фабињо не размислувал многу за новиот број и двојката од Монако ја сменил за тројка на Енфилд, број кој во последно време го носеа Ирецот Стив Финан и Шпанецот Хозе Енрике. Во Кастиља играл со бројот 20, а единствениот меч за Реал го одиграл со 33-ка на грбот. Така двојката и тројката станале судбински во неговата кариера.
Што се однесува до репрезентацијата на Бразил, Фабињо одиграл 6 меча за младинската селекција до 21 година, а во 2015 година првпат го викнале за А тимот за контролните средби против Костарика и САД.
Досега за „Селесао“ забележал 4 настапи (пријателски против САД, Мексико, Хондурас и Панама). Тоа е јасно затоа што негов најголем конкурент е еден од најдобрите на таа позиција на светот - Каземиро, а десно во одбраната за место се борел со вечно младиот Дани Алвес.
***
Како што гласи една позната бразилска мудрост (можно е да не е бразилска во цлост): зад секој познат фудбалер стои не толку позната жена.
Ребека Таварес во 2015 година му станала жена на Фабињо. Тој вели дека без неа не би успеал во кариерата. Најголем идол во кариерата му бил Мајкон, десниот бек кој во свое време играше и за Монако. А пред шест месеци излезе една интересна вест: „Женскиот фудбалски клуб Монако потпиша договор со Ребека Таварес“.
Неговите родители често го посетувале во Монако а сега и во Ливерпул, но решиле да останат да живеат во родниот Кампинас. Неговата сестра со својот сопруг живее заедно со Фабињо и тие се негови најголеми навивачи.
****
Ливерпул доби прав универзалец во Фабињо. Тој може да игра на двете страни во одбраната иако матична позиција му е средина на теренот, како последен играч за врска.
Во Монако важеше за еден од најдобрите пеналџии. За неговите лидерски способности говори и фактот што тој бил капитен во секоја младинска селекција на Бразил.
Висок е 188 сантиметри, тежок 78 килограми.
Ќе видиме како ќе се одвива новиот предизвик во кариерата на Фабињо. Популарниот КОП очекува многу од него.