42-годишниот Виторино е највозрасниот играч не само во Лига 1, туку и во топ5 лигите во Европа. Постар е од неговите колеги, од 37-годишниот Сулејман Камара и од ортакот во одбранта 35-годишниот Даниел Конгре кој покрај него делува како младо дете.
Илтон на почетокот на својата кариера не можел ни да претпостави дека ќе трае толку долго. Во Европа дошол од Бразил во 2001-ва година.
Со фудбал почнал да се занимава во бразилскиот клуб Шапекоенсе, но брзо напредувал и отишол во тој момент поперспективната Парана.
А од таму се сели во швајцарски Сервет каде поминал 2,5 години пред да ја почне својата француска одисеја во Лига 1 во јануари 2004.
На 26 потпишал договор за позајмица со Бастија. На овој клуб му помогнал да опстане во лигата, но немале пари да го откупат во целост од Сервет.
Тогаш на сцена стапува Ленс кој бил спремен за Илтон да прати колку треба и Бразилецот облекол нов дрес.
Во Ленс Виторино Илтон проживеал убави години, на екипата и помогнал два пати по ред да заврши во првата петорка на францускиот фудбал (Во 2006 и 2007) и бил најзаслужен што тимот стигнал до финалето на Лига Купот во 2008 кога изгубиле од ПСЖ.
„Четирите години во Ленс беа најдобри во мојата кариера. Тоа е фантастичен клуб во кој секогаш ми беше комфорно“, рекол бразилскиот стопер во 2013-та.
Во последните две сезони во Ленс дури и бил биран во тимот на сезоната на Лига 1. Но во 2008-ма решил да се проба на друго место.
Силен како карпа и вешт со топка, Илтон заинтересирал многу клубови надвор од Франција, но веќе навикнат на начинот на живот во оваа земја, одлучува на 30 години да потпише договор со Марсеј кој тогаш редовно играше во Лига на шампиони. Во првата сезона на „Велодром“ бил стандарден првотимец, а на крајот бил избран во тимот на сезоната.
Следната сезона, кога тренер на Марсеј стана Дидие Дешам, Бразилецот го изгуби местото во тимот и се појави само 12 пати на теренот. Во следните 12 месеци добил уште помалку играчко време, па сфатил дека е дојдено време да си оди од Марсеј во 2010/2011 и покрај тоа што го освоија Лига Купот во 2010 и 2011.
Од брегот на Марсеј судбината го носи во Монпеље. Кога веќе имал 33 години, малку кој верувал дека може да се врати во старата форма, но тој доживеал втора младост.
Одигра 35 па 38 меча во две сезони за Монпеље и успеа да биде дел од генерацијата која ја освои титулата во Лига 1 со три бода пред ПСЖ.
„Во Монпеље одново уживав во фудбалот. Последната година во Марсеј беше многу тешка, не играв, а тренерот немаше никаква верба во мене“, рекол Илтон по големото славје на историската титула.
Подоцна тој потпишал договор на уште една година и никој не верувал дека ќе трае вечно. Сезонава беше негова деветта по ред во Монпеље и скоро ќе достигне 300 меча за клубот и вкупно 500 во Лига 1. Во моментов има 483 меча во француското првенство.
Виторино Илтон апсолутно може да се нарече легенда на француската лига.
Тајната на неговата вечност вели дека е проста: „Го адаптирав својот живот под фудбалот. Не пијам алкохол и не висам по ноќни клубови. Здраво се хранам и спијам по осум часа“.
Тој размислувал да ја заврши кариерата во Бразил но така не мисли и Монпеље кој во петокот го продолжи договорот со Илтон на уште една година.
„Се надевав дека ова не е моја последна сезона. Се чувствувам многу добро. Сакам да ја одиграм својата последна сезона и клубот ми овозможи“.
Продолжува приказната меѓу Монпеље и бразилскиот вечен ветеран.
✍️ La prolongation préférée de ton club préféré 🤩
— MHSC (@MontpellierHSC) May 15, 2020
💬 Vitorino Hilton « C’est la plus belle »
➡️ https://t.co/MbJ446YSKP pic.twitter.com/kGzVhPYEUX