Најскапиот ден во Премиер лигата

Во само неколку часа на 31. јануари 2011 година, Челси и Ливерпул направија серија трансфери кои станаа највредни во историјата на англискиот фудбал. Сините ги купија Торес и Давид Луиз, а црвените Суарез и Енди Керол.

Приказната за скапи автомобили и хеликоптери, милиони фунти и милиони продадени весници во еден ден се случи во Премиер лигата пред четири години.

На истекот од преодниот рок во Европа, англискиот фудбалски пазар делуваше како акционен филм. Најпрвин во Ливерпул од Амстердам слета Луис Суарез, канибалот кој немаше спектакуларен дочек, иако Ливерпул за него му исплати на Ајакс 26,5 милиони евра.

Сепак, тоа не беше пазарот на денот, затоа што по летаргичното попладне, на сцена стапи Роман Абрамович, кој сакаше да му подари неколку подароци на Карло Анчелоти. Кога се стемни во Лондон одекна како бомба информацијата дека Челси го купил Фернандо Торес од Ливерпул за 58 (педесет и осум) милиони евра. Во тој момент се блокираа социјалните мрежи од реакциите на навивачите на Ливерпул, кои постираа слики на кои го палат дресот со број 9.

Сè се случи набрзина, затоа што времето за трансфери истекуваше. Абрамович по Торес пратил хеликоптер, а Шпанецот само што слета во Лондон, веднаш отиде на медицински прегледи пред да потпише. Вечерта беше промоцијата и Челси го постави апсолутниот рекорд со најголем трансфер во историјата на Премиер лигата (претходно го држеше Рио Фердинанд во Манчестер Јунајтед).

Во меѓувреме се случија три работи:

1. Навивачите на Ливерпул продолжија да протестираат против продажбата на Фернандо Торес.

2. Ливерпул не се задоволи со Луис Суарез и реши дел од парите добиени од Челси да ги искористи за Енди Керол од Њукасл. Клубот од Сент Џејмс Парк за Керол доби 41 милион евра.

3. Челси, уште незаситен, чукна на вратата на Бенфика и понуди 25 милиони евра + Немања Матиќ за Бразилецот Давид Луиз. Матиќ минатото лето повторно се врати во Челси по три години за 25 милиони евра.

Во една вечер се случија трансфери кои го потресоа фудбалскиот свет и останаа најголеми во англискиот фудбал досега.