Најлудиот хет трик во кариерата на Ривалдо со кој ја однесе Барса во ЛШ

На денешен ден пред 19 години, славниот Бразилец ептен одлепи. Камп Ноу го фрли во транс, а Валенсија во очај, бидејќи ја исфрли од пласман во ЛШ и тоа пазете, во директен дуел одигран во последно коло, со гол на кариерата во 89-та минута.

Тоа што и го направи Барселона на Валенсија или поточно Ривалдо на Валенсија, не се опишува со зборови, туку само се гледа и се ужива, бидејќи вакви завршници во домашно првенство има еднаш на 20 години.

Барса тогаш имаше Чави, Пујол, Овермарс, Клајверт, Коку, Гвардиола, Де Бур, Рајзингер, Ривалдо...и според имињата логиката вели дека ваков состав треба глатко да влезе во топ 4. Но, по шампионот Реал со 80 бодови, следуваа Депортиво 73, Мајорка 71, а за четврта позиција вредна квалификации за ЛШ во директен дуел со бореа со Валенсија.

На гостите им требаше само бод, но Ривалдо не им го дозволи и ги торпедираше со три комада, а тоа значеше победа од 3:2. За на тимот од Местаља да им биде уште потешко, паднаа петти поради послаба гол разлика. Барселона 63, Валенсија 63 бода.

И сега стигнавме до тоа што се гледа без здив. Еден нормален гол нема од трите на Бразилецот. Сите три му се врвни, особено решавачкиот во 89-та кој му го сметаат за гол на кариерата. Тогашниот претседател на клубот Хоан Гаспарт боксуваше во воздух од среќа.

Инаку Ривалдо ја заврши сезоната како втор стрелец со 23 гола, само еден помалку од лидерот Раул.

17 јуни 2020 - 13:59