Дебелкото, Стариот, Рони. Уште има многу луѓе кои го паметат како Il Fenomeno - Роналдо Луис Назарио де Лима.
Дури и пред Кристијано имаше двајца Роналдовци: Еден кој беше најопасен напаѓач во ’90-те и другиот кој се врати после тешката повреда во 1999-та година и повторно беше одличен стрелец.
Кариерата на Стариот континент, Феноменот ја започна во ПСВ Ајндховен во 1994/1995 година а 24 месеци подоцна се пресели во Барселона каде за една сезона стана најдобриот светски напаѓач. По Камп Ноу замина во Интер со кој го освои Купот на УЕФА во финалето против Лацио кога постигна неверојатен гол и беше незапирлив.
Роналдо повторно направи земјотрес во фудбалскиот свет кога во 2002. година потпиша за Реал Мадрид каде остана до 2007. година. Од Мадрид се пресели во Милан.
Во сега веќе далечната 1999. година Роналдо на 23 години за првпат доживеа тешка повреда на коленото која го оддалечи неколку месеци од терените. Во тој момент веќе имаше постигнато преку 200 голови за Крузеиро, ПСВ, Барселона, Интер и Бразил. На првиот меч по опоравувањето, во 2000. година против Лацио ја обнови повредата после што стана јасно дека има мошне слаби лигаменти и колено склоно на повреди.
Следуваа 20 месеци рехабилитација и две нови операции, по што Рони заигра на Светското првенство 2002 година. На тој шампионат беше најдобар стрелец со осум голови а Бразил го освои Мундијалот.
На СП 1998 година во Франција играше под голем напор, но и покрај тоа го избраа за најдобар играч на турнирот.
Во својата кариера освои безброј трофеи и титули: Шампион во Бразил, во Холандија и Шпанија, Куп во Холандија, две Светски првенства, два пати го прогласуваа за најдобар играч на светот (1996 и 2002) и еднаш ја освои Златната копачка (1997) и тоа со 21 година како најмлад добитник во историјата.
„Можевте да им дозволите на сите 11 играчи да користат раце против него, а тој пак би дал гол. Имаше страшно силни бицепси и раменици. Таква сила и брзина во фудбалот беа неверојатни. Никогаш не сум видел играч со таква контрола на топката. На многу начини тој беше плејстешн фудбалер“, изјави во една прилика Боби Робсон.
Врвната форма ја доживеа во Барселона во сезоната 1997/1998 кога постигна 47 голови за Каталонците на 49 меча.
За неговата игра се памети и легендарната изјави на Синиша Михајловиќ од времето кога играше во Лацио: „Да го чуваш него во одбраната беше ноќен кошмар. Тој тргнува во противнапад а јас и Неста сами позади“.
Токму против Неста во финалето на Купот на УЕФА Роналдо го направи до тогаш невидениот потег elastico:
Тој дуел важеше и за средба меѓу најдобриот напаѓач и најдобриот дефанзивец во светот во тој момент:
Кариерата ја заврши во Коринтијанс во 2011. година, а во фудбалската историја ќе остане запаметено дека постигнал повеќе од 450 голови и одиграл повеќе од 700 официјални натпревари.