Најчудни професии по завршување со фудбалот

По крајот на активните кариери, спортистите најчесто со заработеното отвораат ресторани, пабови или кафулиња каде се дружат со поранешните колеги. Сепак има и такви кои одат да сечат дрва, да прават палачинки или да работат како чувари.

ЛИ БОЕР - Концесионер на езеро и рибар

Поранешниот англиски репрезентативец Ли Боер го одигра последниот натпревар во 2012. година. 38-годишниот Боер играше за Лидс, Вест Хем и Њукасл, а во моментов под концесија го држи езерото Етанг де Боу во Франција. „Кога играв фудбал, имав обичај да одам на риболов во Франција по една недела во јуни со другарите. Го засакав селцето до местото Орконте и во ноември лани му се јавив на газдата кој го продаваше поради здравстени проблеми. Така го купив и сега цело време сум овде", изјави Боер за Дејли мејл.

Старото име на езерото било La Fritterie, но фудбалерот го крстил Etang de Bows што во превод значи езерото на Боу, неговиот прекар.

ТЕМУ ТАИНИО - Презентер на кладилници

Еден од најдобрите фински фудбалери што играле во Премиер лигата од 2013. година работи како презентер на обложувалница во Финска. Се обидел и во глумата, но рекламите биле врвот на неговиот обид да стане актер. Играше за Тотенхем и Сандерленд.

РОМАН ПАВЛИЧЕНКО- Политичар

Тотенхем во 2008. година за Русинот даде 13,7 милиони евра, а по враќањето во татковината Павличенко играше уште и за Локомотив Москва. „Супер Пав" се одлучи да се повлече и влезе во руската политика. Член е на Обединета Русија на Владимир Путин. Во моментов е пратеник во руската Дума (во градскиот совет каде се пратениците кои немаат А-ниво) во Ставропол.

ТИМ ВИЗЕ - Кечер

Четири години откако го освои третото место на СП 2010 со Германија, еден од најдобрите германски голмани во последната деценија реши да се повлече од фудбалот. Се насочи кон WWE и стана кечер. Нема големи успеси како во фудбалот, но важно е да се учествува.

ГАИЗКА МЕНДИЕТА - Ди-Џеј

За многу млади луѓе, кариерата професионален фудбалер е сон. Но изгледа дека не е доволно за поранешната ѕвезда на Барселона, Лацио и Мидлсборо. Гаизка Мендиета често пушта музика по ноќните клубови и како поранешен фудбалер сега може целосно да се посвети на турнеите. „Пуштам сè, од Арета Френклин до Кингс оф Леон", изјави лани Мендиета.

ТОМАС ГРАВЕСЕН - Покер играч

Важеше за еден од најгрубите фудбалери што оваа игра ги видела. Во кариерата заработил многу пари како играч на Реал Мадрид, Евертон и Селтик, но посериозни суми заработил откако влегол во покер бизнисот на 32 години. За две години откако пензионираше, заработил околу 100 милиони евра и се преселил во Лас Вегас каде работи на големо со казината.

ФАБИЈАН БАРТЕЗ - Мотоспорт

Ако Гравесен беше најгруб, Бартес сигурно важеше за најчуден голман во претходните две децении. Французинот се пресели во мотоспортот во 2008. година, а во 2014. возеше на трката 24 часа на Ле Ман.

АРЈАН ДЕ ЗЕУВ - Приватен детектив

Де Зеув беше еден од понепознатите Холанѓани во Премиер лигата. Како поранешен фудбалер на Барнсли, Виган и Портсмут, дефанзивецот решил да се вработи во полиција во родната Холандија. Можеби решавањето мистерии е неговата идеална професија после сè.

ФРАНК ЛЕБЕФ - Глумец

Поранешниот капитен на Челси и Марсеј пред крајот на кариерата заигра кратко и за Холивуд Јунајтед ФК, каде играле уште и Џејсон Статм и Стив Џонс. Лебеф се појавува во филмот The Theory of Everything, филм кој беше номиниран за Оскар. Ја игра улогата на Докторот кој му кажува на Стивен Хокинг дека никогаш нема да прооди повторно.

БИКСЕНТ ЛИЗАРАЗУ - Шапмион во Џиу-џицу

Освојувачот на СП 1998. година беше еден од најдобрите леви бекови на своето време. По крајот на кариерата во фудбалот почна да се натпреварува во Џиу-џицу и стана Европски првак во Плав појас сениори во 2009. година. Импресивно зар не?

30 јули 2015 - 10:25