Фудбалерите на ЦСКА Москва синоќа ја одбранија титулата во руското првенство, втор на табелата заврши Зенит исто како и минатата година, но на третата позиција за разлика од лани овој пат го немаше Анжи. Тимот од република Дагестан заврши укотвен на последната позиција.
146-от најбогат човек во светот ветуваше брда и планини со екипата која стана атракција во Европа, но ветувањата пропаднаа во вода. По 30 одиграни кола Анжи освои само 20 бодови и успеа да победи на само три меча.
Падот започна во август минатата година кога Сулејман Керимов одлучи да го скрати буџетот на клубот, а информацијата ја објави на Твитер претседателот Константин Ремчуков кој напиша:
„Клубот планира да продаде неколку фудбалери за да ги скрати трошоците, а причините за тоа е здравјето на сопственикот Керимов кој е многу загрижен затоа што на Анжи му недостасува среќа за да бележи успеси“.
Едната недела по објавувањето на Твитот клубот се ослободи од тројца играчи за кои во последните две години потрошија 50 милиони евра, а тоа се Јури Жирков, Игор Денисов и Александр Кокорин кои заминаа во Динамо Москва.
Во главниот град на Русија отидоа и Самба, Глабулов и Јонов, но доказ дека во Анжи нема да има прогрес беа продажбите на ѕвездата Ето кој имаше плата од 20 милиони евра годишно, како и Вилијан кој беше продаден во Челси.
Махачлака ја напуштија уште многу други играчи меѓу кои Диара, Траоре, како и Роберто Карлос кој од играч доби директорска фотеља и Бугати Вејрон за роденден од својот газда.
Почетокот на крајот на овој тим предвреме го почувствува славниот Гус Хидинг кој си замина по само две кола. Минатата сезона тој успеа да му донесе историско трето место на клубот и да го одведе до осминафиналето од Лигата на Европа.
Неговиот наследник и поранешен асистент на Алекс Фергусон во Манчестер Јунајтед, Рене Меленстен на клупата издржа само 16 дена, а сезоната ја доврши Гаџи Гаџиев кој четврти пат се врати во клубот.
Инекцијата на Керимов од околу 300 милиони евра за засилувања не се покажа како доволна за да се исполнат сништата на клубот, а според прогнозите на некои руски медиуми тој целосно ќе се повлече и Анжи ќе го преземат властите во Дагестан.
Рускиот тајкун го изгради еден од најубавите стадиони во земјата, но ќе има огромни тешкотии да привлече големи засилувања доколку сака експресен кам бек во најелитното прволигашко друштво.
Во руската втора лига ќе се воведува ограничување на платите според кое фудбалерите месечно ќе може да заработуваат најмногу 300.000 рубљи или 8.370 долари, а тоа значи дека стадионот за кој Керимов потроши 130 милиони евра ќе биде празен.