Кога судија ќе прекине натпревар тоа не е на арно. Или има тежок инцидент или големо невреме. На фудбалски натпревар во Германија не се случило ниту едно од двете. На судијата му се слошило, и пред едниот тим да изведе корна, го прекинал мечот и од ранец извадил сендвич со колбас.
„Ми падна шеќерот и морав да јадам. Им беше јасно и на играчите и на навивачите. Ако не јадев ќе се онесвестев“, изјави германскиот арбитар.
Се работи за популарниот германски судија Алфред Шведе кој е можеби најстариот судија во светот. На 16 јануари годинава наполни 83 години, а главно хоби му е да суди на аматерски натпревари.

„Кога играчите се жалат на некои мои одлуки, јас секогаш им одговарам да мислат и да играат фудбал. За друго, може да се видиме после натпреварот на пиво“.
Алфред има бела коса, секој ден е на точак и има судено околу 1.500 натпревари, но како уште да не му се оди во пензија.
„Пред неколку години ми се искинаа копачките и одлучив да престанам. Тоа и го ветив и на сопругата. Но потоа купив нови. Стара е таа, не разбира“, вели Шведе.