На Панчев за ова на времето му дадоа црвен против Данска

Која е поентата на ВАР ако за ова нема црвен картон, искоментира поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Овен Харгривс во улога на фудбалски аналитичар на британска тв. И во право е, за ваков намерен фаул секогаш се дава црвен.

Се работи за дуел на вчерашната средба меѓу Динамо Загреб и Манчестер Сити на кој Амер Гојак го удира со лакт Родриго Хернандес, ама намерно. 

Не е ова ситуација во која судијата треба да прости, бидејќи Гојак ја има топката, се гради со тело и непотребно и намерно го удира својот чувар. За директен црвен е ова без дилеми. Скроз неспортски потег.

Со оглед на тоа што со фудбал сме инфицирани во 90-те, ова не потсети на еден таков сличен дуел во кој со лакт се послужи Дарко Панчев. Без разлика на реномето како Златна копачка и европски првак со Звезда, судијата не го поштеди ни 2% и му додели директен црвен.

Ако ја следите македонската репрезентација од почеток, тогаш ќе знаете дека се работи за мечот Македонија - Данска, прв квалификациски за нашиот национален тим по формирањето. Тој најзборениот со Словенија е прв официјален, ама пријателски.

Македонија ги отвори првите квалификации за ЕП 1996 на домашен терен против Данска на 7 септември 1994, односно со бранителот на титулата кој на претходното европско настапи на местото на Југославија, исфрлена поради политички санкции.

Полниот Градски беше во делириум по само 4 минути игра откако играчот со број 4 Митко Стојковски го отвори резултатот. Каков само деби настап ќе беше тоа за момците на Андон Дончевски, ако Панчев не добиеше црвен на стартот на второ или поточно ако европскиот првак не израмнеше во 87-ма минута.

И таман кога си рековме дека шанси да најдеме видео од тој дуел, Јутјуб не изненади и не израдува. Е сега снимката е како да се навраќаме на времето кога играле Ференц Пушкаш и Алфредо Ди Стефано, ама битно се гледа нешто и тоа не е било што.

Историски се овие снимки кои тешко дека може да се најдат на друго место. Освен двата гола на мечот и црвениот на Панчев, имаме неколку легендарни секунди од полувремето во соблекувална. Дончо вика по играчите, тројца ликови ги ладат со дресови од жегата, а Панчев потоа станува и црта тактика на табла. Еј јако е ова.

Голот на Македонија со коментар на Зоран Јордановски кој мора да го поправиме, бидејќи Чоко не е стрелец на голот, туку Митко.