
Светот на фудбалот претпладнево го потресе страшна вест. Во тешка сообраќајна несреќа во Шпанија на пат кон Португалија час после полноќ загинал 28-годишниот фудбалер на Ливерпул Диого Жота. Португалецот пред само 11 дена направил свадба со својата долгогодишна девојка Руте Кардозо со која имал три деца и со која бил заедно од 2012-та.
Тој синоќа патувал кон границата со Португалија, во реонот Замора, а со него во возилото бил и неговиот 26-годишен брат Андре Силва кој исто така загинал. Возилото излетало од патот на 65 километри од почетокот на автопатот а сведоци раскажале дека веднаш букнал пламен од возилото.
Диого Жота е роден во 1996-та година. Во Ливерпул дојде во 2020-та година откако претходно играше за Пасош Фереира, Атлетико Мадрид, Порто и Вулверхемптон. Од Вулвс во Ливерпул потпиша во 2020-та година кога црвените за него платија 41 милион фунти плус бонуси. Од тогаш Жота за тимот од „Енфилд Роуд“ одигра 182 натпревари, постигна 65 гола и 26 аситенции.
Со Ливерпул освои пет трофеи меѓу кои: шампионска титула во Премиер лига, ФА Куп и Лига Куп. Во дресот на Португалија забележа 49 настапи и постигна 14 гола. Два пати стана шампион во Лига на Нации со Португалците а втората титула ја освои пред само пар недели на 8-ми јуни.
Фудбалер бил и брат му Андре Силва кој настапувал за португалскиот второлигаш Пенафиел.
СОЧУВСТВА ОД СИТЕ СТРАНИ
Португалскиот премиер Луис Монтенегро изразил сочувство до семејството на фудбалерот Жота: „Веста за смртта на Диого Жота, спортист кој го прослави името на Португалија, и на неговиот брат е изненадна и трагична. Изразувам мои најдлабоки сочувства до семејството. Жален ден е за фудбалот и за националниот и меѓународен спорт“, рекол Монтенегро.
Неговиот клуб Ливерпул на својот сајт објави црно-бела фотографија на Жота и напиша: „Фудбалскиот клуб Ливерпул е ужаснат од веста за смртта на Диого Жота“. Ливерпул соопшти и дека нема да дава понатамошни коментари за настанот и бара да се почитува приватноста на семејството, на пријателите, на соиграчите и на стручниот штаб на Диого и Андре додека се обидуваат да прифатат една незамислива загуба. „Ќе продолжиме да им пружиме целосна поддршка“, пишува во објавата на англискиот шампион.
Добриот другар и соиграч на Жота од Вулверхемптон и од репрезентацијата на Португалија, Рубен Невеш на Инстаграм објавил фотографија од Жота со натпис: „Велат дека ги губиме блиските само кога ги забораваме. Јас никогаш нема да те заборавам“.
Некогашниот клуб на Диого Жота, Порто објави: „Фудбалскиот клуб Порто е во жалост. Длабоко потресени ги праќаме нашите најискрени сочувства до семејството и до пријателите на Диого Жота и неговиот брат Андре Силва, кој исто беше наш играч во младинците. Нека почиваат во мир“.