Португалија и Шведска одиграа 1:1, резултат кој им беше доволен за пласман во полуфинале на Европското младинско првенство кое се игра во Чешка. Португалците завршија први во групата со 5 бода, Шведска има 4 исто колку и Италија, а Англија 3.
Но Италијанците претходно загубија од Шведска и поради меѓусебниот дуел ќе ги пакуваат куферите. Дека Португалија и Шведска одеа апла на нерешено покажува следново 3 минутно видео на кое Швеѓаните не ја допреа топката и ги гледаа противниците како ја пимплаат на своја половина.
Инаку Португалија поведе во 82 минута, а потоа нивните дефанзивци дремеа во одбрана и им дозволија на Швеѓаните да израмнат во 89 минута.
Репрезентативецот на Италија и член на Јувентус Стефано Стураро на Твитер напиша:
„Кога кучињата стојат на лешевите од лавовите мислат дека се победници, но лавовите и натаму остануваат лавови, а кучињата остануваат кучиња“.
Со вакво сценарио Италијанците се соочија и на ЕП 2004 кога се случи скандинавското реми меѓу Данска и Шведска 2:2, по што избраниците на Џовани Трапатони беа елиминирани во групната фаза.