Англиските медиуми, во прв ред Guardian и The Sun пишуваат дека на сопственикот на Челси Роман Абрамович визата му истекла на крајот од април а властите во Британија не му ја продолжиле.
Иако повеќе од една недела медиумите прашувале, властите не дале никаков одговор. Британските власти рекле само дека продолжуваат да ги разгледуваат документите но тоа овојпат е подолго отколку обично.
Поради отуство на виза, газда Роман не видел како Челси на „Вембли“ го совлада Манчестер Јунајтед во големото финале и го освои ФА Купот.
Покрај тоа Абрамович не живеел во Лондон веќе два месеци. По пишување на flightradar24.com неговиот авион со број на опаш P4-MES последен пат бил во Британија на 1. април. Тој ден Боингот-767 во 8:30 утрото одлетал од аеродромот Станстед а после три часа слетал на Внуково во Москва. Во последните месец дена авионот летал на островот Сен-Мартен, во Њујорк, Цирих и Санкт Петербург а на 8. мај слетал во Ница. Од тогаш нови полетувања не се регистрирани.
Златната виза на Британија е како државјанство на Швајцарија
Абрамович во Британија помина доста време уште од 2003-та (тогаш го купи Челси), но интересно, досега не добил државјанство. Адвокатите на Борис Березовски на суд во 2011 година рекле дека Абрамович размислувал за британско државјанство уште во 1994 година. Му предлагале да добие пасош на Гибралтар (од 1981 година Гибралтарците се сметаат за граѓани на Британските поморски територии и можат да достават барање за државјанство на Британија). Абрамович тоа не го потврдил ниту демантирал.
Од 2008 година Британија вади тн. „златни визи“ за бизнисмените кои инвестирале во британскиот бизнис повеќе од 2 милиони фунти. За 5 милиони фунти луѓето добиваат статус привремени резиденти а после пет години можат да поднесат барање за државјанство. Во 2014 година „златна вица“ добиле околу 700 државјани на Русија а во таа смисла и Роман Ротенберг. Неодамна Британија го разгледала тој список и ги ограничила правата на 149 луѓе. Тогаш се отвориле многу прашања за потекло на парите, но презимето на Абрамович не било поврзано со тоа.
Според The Sun, Абрамович во јануари добил еден вид државјанство на Џерси (остров во заливот Ла-Манш). На островот живеат претежено богати странци кои се должни еднаш годишно да плаќаат по 145.000 фунти за таквата привилегија.
Џерси и прилега на Британската круна, но формално не влегува во состав на Британија а државјанството на Џерси не важи во Обединетото кралство.
Како што пишале SonntagsZeitung и Le Matin Dimanche, Абрамович во 2016 година доставил барање за државјанство на Швајцарија но после неколку месеци го повлекол па потоа повторно го доставил.
Правниците на милијардерот преку судот им се заканиле на медиумите што ќе ја објават оваа информација дека ќе добијат отказ така што за резултатите на барањето швајцарско државјанство на Абрамович нема никакви вести.
Како тоа ќе се одрази на Челси
Можно е дека задршката на британските власти за визите е поврзана со спремен напад за руските олигарси.
Премиерката на Британија, Тереза Меј која минатата недела беше во официјална посета на Скопје, пред извесно време зборувала за можно воведување на аналоген Закон Магнитски (во декември 2012 година бил донесен во САД и фактички значи санкции за лицата кои по мислење на американските власти ги кршеле човековите права во Русија).
Тоа значи дека капиталот на активните руски бизнисмени во Британија би можел привремено да биде замрзнат или на самите бизнисмени да им се забрани влез во кралството.
Новинарот на The Times, Метју Зијед пишува дека во тој случај Абрамович би можел да го напушти Челси - затоа што клубот и припаѓа на компанијата Fordstam Limited чијшто газда е токму Роман.
„Ако нашите закони соберат смелост сериозно да работат на ова, тогаш под закана може да биде не само империјата на Абрамович туку и Челси“, напишал Зијед.
Во јануари САД објавија список на 96 санкционирани олигарси меѓу кои биле и Абрамович, Алишер Усманов (сопственик на Арсенал) и Михаил Пророхов. После неколку недели Пророхов продал 49% од акциите во клубот „Бруклин Нетс“ на основачот на кинескиот интернет гигант Alibaba, Џозеф Цаи.
Пророхов не зборувал многу за причините за продажбата само спомнал дека ќе остане во клубот. Наводно контролниот пакет акции Цаи ќе ги купел дури до 2021 година.
Новиот список на министерството за финансии на САД испровоцирал колапс на руската берза. Според извори на Bloomberg на 9 април за 24 часа Роман Абрамович изгубил 534 милиони долари! Од друга страна, на 1 мај The Telegraph напишал дека сопственикот на Челси активно се занимава со клубот и дека е спремен да одвои 50-70 милиони фунти за нови играчи.
Трансфер буџетот ќе се состои од оваа сума плус парите од продажба на играчи. Неаполското радио соопштило дека Абрамович сака главен тренер да го постави Маурицио Сари но по триумфот во големото финале на ФА Купот Антонио Конте изјави дека никаде не оди и дека сака да го испочитува договорот до крај.