На 16 години избега од Барселона и се прослави во Загреб, сега е ѕвезда на Шпанија

Кога уште како мал решил да прејде во Хрватска за која не знаел ништо, во Каталонија сметале дека нешто не е во ред со него. Од Ла Масија оди во Динамо и стана голема ѕвезда на европскиот фудбал.

„Знам на што мислите. Знам што сакате да дознаете. Прашањето кое постојано го слушам е - зошто си отиде од Барселона во Загреб? Како може каталонско дете родено на 25 километри од „Камп Ноу“ да ја остави Ла Масија поради Хрватска?“, вака Дани Олмо ја започна својата колумна за The Players Tribune.

На 16 години Дани Олмо бил капитен на својата возрасна група во Барселона, во најпознатата фудбалска школа на светот. Договорот му завршувал и во клубот очекувале да го продолжат но за Дани се заинтересирале Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед. Решил да не го продолжува договорот но не потпишал ниту со англиските гиганти.

На 24 јуни 2014-та Дани Олмо од нигде никаде стана играч на Динамо Загреб.

После цели 5 ипол години во Хрватска, богатиот РБ Лајпциг без размислување одвои за младиот Шпанец дури 22 милиони евра. Олмо во краток период стана лидер на екипата со која стигна дури до полуфинале на Лига на шампиони!

И не така лошо за 23-годишен напаѓач кого неодамна во родната земја го сметале за изгубен талент кој залутал.

НЕ ЗНАЕЛ НИШТО ЗА ХРВАТСКА

Дани Олмо е роден во градот Тераса на 20 минути од Барселона кој има население од 215.000 жители. Најпознат од сите нив е легендарниот Чави.

Интересно Дани дошол дури порано и од Чави во Ла Масија. Олмо на 9 години, а легендата на свои 11. 

Пред да оди во Ла Масија, Олмо една година тренирал во Еспањол, но татко му Мигел Олмо (на времето фудбалер во пониски лиги) сакал син му да тренира во попознатата Барса.

Дани тогаш не сакал да слушне да ги напушти децата со кои се дружел и бил близок другар, но после некоја година признал дека татко му бил во право.

Олмо обожавал фудбал и спиел со топка до перницата. Еднаш додека татко му бил тренер на еден локален клуб, 8-годишниот Дани отишол со тимот на турнир во Кастелдефелс. А таму додека си играл со една топка, му влетал пријател на татко му:

„Дани, дојди брзо! Нема да веруваш! Може ќе се сликаш со Меси!
-Не, фала. Јас играм, му одговорил малиот Олмо. Една слика само, така?, го прашал Дани човекот и го збунил.

Пријателот на татко му го фатил малиот Олмо за рака и го однел кај Меси. Дани ништо не му рекол на Лео туку брзински се вратил на теренот да поигра уште малку додека не излезат постарите.

Му се допаднало се во Ла Масија.

„Носам во сеќавање многу неверојатни моменти. Клубот носи посебно место во моето срце. Секој мал се би дал само еднаш да се најде меѓу тие големи фудбалери. Да, тоа е Барселона!

Тука има огромен притисок. Реален притисок. Постојано те набљудуваат. Цело време ми доаѓаше мисла: дали е денес мојот последен ден во клубот?“, раскажува Олмо.

Кариерата му се развивала многу добро. Во секоја возрасна категорија бил меѓу најдобрите стрелци. Кога наполнил 16 години, како Фабрегас на времето, решил да подразмисли за иднината.

Еве што мислел пред да оди во Динамо Загреб:

„Татко ми еднаш ми кажа: Клубот сака да гради екипа околу тебе. Спремни се на се само за да заиграш за нив. Тоа сакав да го слушнам. Не се насекирав што нема да играм во топ-5 лигите. Ништо не знаев за Хрватска, ама сфатив дека во Барса ризикувам да се изгубам во системот и да станам еден од многуте кои не се пробиле до прв тим“.

Олмо бил во право. На 16 години.

Негови добри другари во Ла Масија биле Карлес Алења (26 меча за Барселона, уште под договор со клубот, минатата сезона позајмен во Хетафе), Марк Кукуреља (0 настапи за прв тим, во 2020-та премина во Хетафе и стана главен играч) и Карлес Перез (11 меча за прв тим на Барса, во 2020-та премина во Рома). 

Во летото 2014-та лично се сретнал со претседателот на Динамо, Мирко Баришиќ кој ветил дека Шпанецот брзо ќе се интегрира во екипата а после неколку години ќе стане најскап трансфер во историјата на клубот. Во тој момент најскапо продаден играч од Динамо во странство беше Лука Модриќ за 22 милиони фунти во Тотенхем.

Дани Олмо брзо потпишал договор.

„ХАЈДУК - ДИНАМО Е ПОЈАКО ДЕРБИ ОД БАРСА - РЕАЛ“

Татко му на талентираниот Олмо раскажал како во родниот крај реагирале на трансферот на Дани:

„Луѓето викаа дека сме будали. Викаа дека јас ќе ја уништам кариерата на син ми. Тоа беше најтешка одлука в омојот живот“.

Хрватскиот менаџер Енди Бара помогнал со трансферот и признал дека во Барса не верувале што се случило: „Му ѕвонеа, му пишуваа на Дани: „Каде отиде? Каде си? Што направи?“.

Во дресот на „модрите“ не заиграл веднаш за прв тим. Во првите две години одиграл само на 7 меча но стабилно се развивал со младинците. На 16 години и 9 месеци станал најмладиот дебитант во историјата на Динамо.

Веќе од 2016/2017 ситуацијата се подобрила. Не само што влегол во прв тим туку и станал важен дел од екипата. На 80 меча за Динамо постигнал 20 гола што е фантастично за плејмејкер/офанзивен играч за врска.

Со Динамо освои пет шампионски титули, три Купа, Суперкуп и благодарение на тоа му стигна повик за репрезентацијата на Шпанија. 

Олмо го заинтересирала Хрватска и се за оваа земја. Еднаш треперел кога му раскажувале за војните во поранешна Југославија. Се трудел и побрзо да го научи јазикот.

„Во помалите градови уште има зданија со дупки од куршуми. Можно е да видиш деца како играат близу куќи каде паѓале гранати.

Го научив јазико за да разберам подобро што пеат навивачите. Во нивните песни има многу за љубов и страдање. Некои работи ми предизвикуваа морници“.

Најјако му било на вечното дерби Динамо - Хајдук.

„Во Хрватска Динамо и Хајдук се како мама и тато. Секој Хрват треба да избере. Нема неутрални навивачи. Како Ел класико, дури и пожестоко е. Дури и кога шетав низ Сплит, ме гледаа на криво. Не треба ни да одам зошто сум им прав непријател“, вели Дани.

Интересно токму на едно дерби со Хајдук на 6 август 2017-та влегол во игра во 52’ минута од клупата за резерви и постигнал победнички гол во 78-ма минута.

Од тогаш влегол во срцето на секој навивач на Динамо. 

„Тоа беше моја шанса. Хајдук израмни резултат веднаш кога јас влегов во игра. Емоциите беа бурни - тренерот да ми даде шанса на така голем меч во главниот дуел на сезоната! Морав да уживам во моментот.

Барав топка. Во 78’ минута Чилеанецот Хуниор Фернандез тргна во дриблинг но го блокираа. Топката дојде до мене на 20 метри од голот и имав празен простор, целосна слобода. Шутнав силно по земја ниско, голманот не можеше да одбрани.

Идеално беше! Прекрасно. Стадионот збудале! Јас збудалев. Трчав кон трибините и урлав Que hermoso es el futbol! Que hermoso es el futbol! (Колку е убав фудбалот!).

Тогаш сфатив дека сум постапил правилно што отидов во Динамо. Пред мене ми се отворија врати. Тоа беше еден од најсреќните моменти во мојот живот“.

Иако се очекуваше да блесне и во дресот на Шпанија, на Евро2020 се уште нема ништо од најталентираниот играч во „црвената фурија“. Дани Олмо има 2 меча од старт но нула голови и асистенции. Селекторот Луис Енрике му верува иако во 1/8 финалето со Хрватска би можел да почне од клупа.

Дани Олмо веќе ја однесе Шпанија У-21 до злато на Европско првенство за играчи до 21 година. Го даде победничкиот гол за титула во финале против Германија и со три гола стана најдобар стрелец на целиот турнир.

Можно е да слушнеме Que hermoso es el futbol! и против Хрватска.