Дневниот спортски весник Marca е познат по својата блискост со Реал Мадрид и новинарите од овој медиум отсекогаш први ги имале информациите за случувањата во „кралскиот" клуб.
Според нивните тврдења, во вторникот во седиштето на Реал Мадрид бил одржан состанок помеѓу претседателот Флорентино Перез, генералниот менаџер Хозе Анхел Санчез и капитените Икер Касиљас и Серхио Рамос.
Капитените го информирале претседателот дека сите играчи се мотивирани да го извлечат максимумот до крајот на сезоната. Тие одржале состанок во соблекувалната, но на овој состанок не присуствувал Мурињо и неговите помошници. Играчите од тимот се обединети, но само тие.
На крајот, Касиљас и Рамос го информирале претседателот Перез за расположението на фудбалерите. Нивниот став е „Мурињо или ние". На кратко, ако Мурињо продолжи да го предводи Реал Мадрид и следната сезона, неколку клучни играчи ќе побараат трансфер.