Најмногу проблеми на Португалецот во текот на неговата кариера му се јавуваа во третата сезона, било да беше во Челси првиот пат, во Реал Мадрид, и во Челси вториот пат. Кризата секогаш беше најсилна во третата сезона на Мурињо како тренер.
Згора на тоа подготовките на Манчестер Јунајтед за новата сезона не беа идеални. Мурињо во пред-сезоната не можеше да поработи со играчите кои учествуваа на Мундијалот во Русија. Јавно се расправаа со Марсиал, па следеа повредите на Матиќ, Смолинг и Валенсија.
Сето тоа не го прави оптимист Жозе пред стартот на новата сезона. Мурињо е незадоволен не само од играчите, туку и од управата на клубот поради отсуство на ажурност на трансфер пазарот кој во Англија се затвора на 9 август.
Нејасен е и статусот на главната ѕвезда Пол Погба чиј менаџер Мино Рајола запнал да го продаде на Барселона која наводно е заинтересирана за златното момче од Светското.
Да видиме подробно како се одвиваа третите сезони на клупата на еден клуб на португалскиот специјалист.
ЧЕЛСИ. СЕЗОНА 2006/2007
Во својата прва сезона во Челси (2004/2005) Мурињо ја освои титулата во Премиер лига со рекорден број бодови. До доаѓањето на Жозе, Челси последен пат бил шампион на Англија во сезона 1954/55.
Првите две години во Лондон беа фантастични за Португалецот. Освои четири титули со „Сините“ и стана најсаканиот менаџер во историјата на клубот.
Но понатаму кариерата на „Стемфорд Бриџ“ не беше сјајна. Во летото 2006-та се појавија гласини за конфликт со сопственикот Роман Абрамович. Една од причините наводно бил трансферот на украинскиот центарфор Андреј Шевченко без согласност на Жозе.
Во сезоната 2006/2007 фаворит на Мурињо беше Дидие Дрогба кој играше фантастична сезона. Шевченко често остануваше на трибините, не беше ниту на клупата.
Абрамович наводно сакал да го види Шева во стартниот состав, а Мурињо не попуштал. Чашата наводно ја прелило назначувањето на новиот спортски директор Аврам Грант. Несогласувањата на релација Мурињо-Абрамович станувале се поголеми и во септември 2007 Мурињо го напушти клубот.
РЕАЛ. СЕЗОНА 2012/2013
После две неверојатни успешни сезони во Интер, Мурињо стана тренер на Реал Мадрид. Во првата сезона го освои Купот на Шпанија, трофеј кој „кралскиот клуб“ до тој момент 18 години не можеше да го освои.
Исто, во сезоната 2010/2011 Жозе го тргна проклетството на осминафинале во Лига на шампиони, затоа што Реал паѓаше на ова скалило дури 6 години по ред. Португалецот од прва стигна до полуфинале.
Во втората сезона на „Сантијаго Бернабеу“ ја освои Ла Лига со рекорд по освоени бодови.
И тогаш дојде незгодната трета сезона. Со зачин од медиумите, Мурињо се замерил со ветераните во екипата: Серхио Рамос, Икер Касиљас и Кристијано Роналдо. Атмосферата во соблекувалната била нарушена.
По инцидентот со сега покојниот Тито Виљанова на дербито со Барселона, Мурињо стана главен анти-херој на шпанските медиуми со кои влезе во отворена војна.
Цела трета сезона на Жозе во Мадрид, Реал беше втор во првенството а на крајот заврши со 15 бода зад Барселона. Таа сезона „Му“ ја нарече најлоша во својата кариера. Само три дена по крајот на првенството Португалецот го напушти Реал Мадрид.
ЧЕЛСИ. СЕЗОНА 2015/2016. ВРАЌАЊЕ НА „СПЕЦИЈАЛНИОТ“
Навивачите на Челси со голема радост ја примија веста за враќање на Жозе Мурињо. Сезона претходно, во 2014/2015 Челси освои двојна круна со титула во Премиер и ФА Купот. После тоа малку кој можеше да очекува страшен пад следната година.
Почетокот на 2015/2016 беше ужасен. Во првите 16 кола од Премиер Челси изгуби дури 9 пати! Мурињо се караше со сите живи: со тренерите на другите екипи, со судиите, со своите играчи, па дури и со лекарот на својот тим.
Ретко кој не го памети конфликтот со Ева Карнеиро која што беше жестоко навредена од Мурињо поради тоа што еднаш влезе на теренот да пружи помош на повреден играч, иако Челси бркаше резултат во финишот.
Во декември 2016 Челси беше 16-ти на табелата и само еден бод ги делеше од зоната за испаѓање. Трпението на управата истекна и Мурињо доби шут-карта.
Жозе во петок го очекува старт на трета сезона во ист клуб. Дали ќе му се повтори минатото или ќе успее да го тргне проклетството останува да се види. Стручните коментатори велат дека нема никаква мистика, затоа што проблемот на третата сезона е прост. Во втората сезона Мурињо победувал и управите на клубовите кои ги водел сметале дека не треба да се засилуваат и да се обновуваат. А за тоа време противниците кои имале послаби резултати се засилуваат и тимот на Мурињо изгледа послаб од нив.