Ќелавиот авантурист Пако е нов тренер на Лилјаците

Може ли да ја спасуваме Валенсија од испаѓање?

На местото на отпуштениот Гери Невил кој имаше мизерен учинок, Валенсија за главен тренер го постави Пако Ајестаран, долгогодишен помошник на Рафа Бенитез. На неколку кола до крајот, што може да се очекува од „лилјаците“?

Веднаш по завршувањето на пријателската која Валенсија ја играше во репрезентативната пауза, клубот соопшти дека го раскинува договорот со Гери Невил.
„По анализата на моменталната ситуација, клубот донесе одлука за отказ на тренерот, мотивирана со цел да се подобри состојбата пред последните средби сезонава“, стои во клупското соопштение.
На 28 меча за 4 месеци под водство на Гери Невил, Валенсија победи на 10, имаше 7 нерешени и 11 порази во Лига Европа, Ла Лига и Копа дел Реј.  Екипата е на 14. место во првенството со само 6 бода од зоната за испаѓање.
 
Новиот тренер Пако Ајестаран доби договор до крајот на сезоната. Пако долго работел во стручниот штаб на Валенсија. Како тинејџер играл за Реал Сосиедад, но никогаш не прераснал во голем играч. Баскиецот ја почнал тренерската кариера во Осасуна каде му бил помошник на Рафа Бенитез. Во тандем со Рафа работел повеќе од 10 години.
 

Во тој период шпанскиот тренер учел занает во Осасуна, Екстремадура, Тенерифе, Валенсија и Ливерпул. На Местаља, Ајестаран работеше од 2001 до 2004 година, кога Валенсија стана два пати првак на Шпанија и еднаш го освои Купот на УЕФА со две финалиња на ЛШ. Овој сегмент се смета за најуспешен во историјата на Валенсија.
 
Во 2004-та, Бенитез заедно со Ајестаран замина во Ливерпул со кој ја освоија ЛШ, УЕФА Супер Купот, Лига Купот и Комјунити Шилд. Успешно работеа до летото 2007. година кога претседателскиот кандидат за Атлетик Билбао, Хави Гонзалес изјави дека ако тој победи сè ќе направи да го постави Пако за спортски директор на клубот. На изборите победи друг кандидат, а Баскиецот отиде да работи во Англија.
 
Во септември истата година шпанскиот тренерски тандем се распадна, а Пако се повлече после 11 години заедничка работа со Бенитез. Рафа тогаш го нарече некогашниот соработник предавник затоа што се договарал со други клубови. Самиот Пако објасни дека го напушта Бенитез поради несогласувања и затоа што ги заборавил принципите на работа. Веднаш по напуштањето на Ливерпул, Ајестаран доби понуда од Аврам Грант во Челси но ја одби.
 

Несудениот спортски директор на Атлетик, во 2008. година беше поставен за тренер на родниот Сосиедад, но поради конфликт со претседателот Ињаки Бадиолои беше избркан после неколку недели.

Набрзо замина во Бенфика каде му помагаше на Кико Санчез Флорез во физичката подготовка на фудбалерите. Превртливиот Пако, како што го викаат шпанските медиуми ни таму не останал долго и сезоната 2009/2010 ја поминал како помошник на Унаи Емери во Валенсија.

„Лилјаците" тогаш обезбедија 3. место и пласман во ЛШ, но за разлика од Емери, Пако го одби новиот договор.

После една година одмор, Пако пак се најде со Кике Флорес кој во 2011/2012 работеше во Ал-Ахли во Дубаи. Таму го освоија купот и заминаа, по што Пако почна самостојна тренерска кариера во Мексико и Израел.

Со Естудијантес Текос Баскиецот во 2013-та стигна до финалето на втората мексиканска лига, но на крајот изгуби и не влезе во најдоброто друштво. Во август 2014-та стана тренер на Макаби Тел Авив каде го замени сонародникот Оскар Гарсија кој замина плашејќи се од борбите во Газа. На Ајестаран тоа не му сметало и со „Жолтите ѓаволи" ја освои првата тројна круна во историјата на израелскиот фудбал.

Авантурата го врати Пако на Енфилд, како помошник на Брендан Роџерс, иако беше упорен и сакаше да работи само како прв тренер. Се врати во Мексико каде ја водеше Сантос Лагуна но после три месеци го избркале поради лоши резултати.

Сега по трет пат се враќа во Валенсија, но не како кондиционен тренер, ниту како помошник на Гери Невил, туку како главен тренер.

Кога Пако Ајестаран се врати на Местаља, тимот почна добро да игра, победи четири по ред, но по поразот во дербито од Леванте навивачите барале оставка од Невил и му се обратиле на Пако: „Зошто не трчаат овие Пако, не се борат"?

Сега ќелавиот авантурист има шанса да покаже дали е тренер за големи дела.

До крајот на сезоната, Валенсија игра против: Лас Палмас на гости (викендов), Севиља дома, Барселона гости, Еибар дома, Гетафе гости, Виљареал дома, Реал Мадрид гости и Сосеидад дома.