Аргентина и Меси се пробаа со младинците на Вест Хем

Гаучосите вчера ја победија Хрватска во пријателска средба, а за тој натпревар се загревале против младинскиот состав на „чеканите", поради доцнење на својот тренинг.

Лионел Меси и Аргентина им дадоа животно искуство на фудбалерите кои чекаат шанса да влезат во првиот тим на лондонскиот клуб. Дуелот Аргентина - Хрватска се одигра вчера. Гаучосите славеа со головите на Ансалди и Меси од пенал 2:1 после пресврт откако губеа на полувремето.

Претходната вечер, во вторникот, Аргентина доцнела еден час на предвидениот тренинг, по што договориле спаринг натпревар со младинците на Вест Хем, кои требале да го почнат тренингот.

„Неверојатно искуство. Играв против Меси и така се исполни мојот сон“, изјави Сем Вестли, младинецот на Вест Хем.

Аргентина престојувала во хотелот Радисон во Лондон, а фудбалерите задоцниле на тренингот, затоа што стотици деца се сликале и барале автограми од нив.

„Без никаков сомнеж најубав ден во мојот живот. Какво вредно искуство“, прокоментирал напаѓачот на Вест Хем У-21, Матијас Фанимо.

Најголемо внимание привлече Карлос Тевез, кој својата европска кариера ја започна токму во Вест Хем, на Аптон Парк. По пријателската со Хрватите, Аргентина ја чека пријателска против Кристијано Роналдо и Португалија, следната среда во Манчестер.