Само неколку спортски настани во историјата на Југославија привлекле толку големо и непрестано меѓународно внимание како нередите на Максимир на 13. мај 1990-та година.
Овој настан, како што коментираат тогашните непосредни и посредни актери има глобално значење. Меѓу другото нередите на Максимир влегоа и на листата на фудбалски настани кои го смениле светот а кои ги селектираше СиЕнЕн.
Сончева недела, 13. мај 1990 година. Играат Динамо Загреб кој тогаш ја симобилизира новата власт на Фрањо Туѓман и ХДЗ која победи на првите слободни избори во Хрватска неколку дена претходно. Од друга страна, Црвена Звезда чиишто навивачи една година претходно се именуваа во Делии, кои ги симболизираа големосрпските апетити на Слободан Милошевиќ. Меѓуетничка тензија која не дозволи натпреварот да се доигра.
Како предзнак за тоа што ќе се случува на Максимир, две години порано, во март 1989. година пред, за време и по дуелот Партизан - Динамо Загреб летнаа првите националистички искри. Скандирања кои не се слушаа до тој момент и за кој режимот немаше слух, туку имаше само репресивни мерки и тежок затвор.
Една недела пред средбата Динамо Загреб - Црвена Звезда, на 7. мај 1990. година Хрватска ги одржа првите слободни избори на кои убедливо победи ХДЗ, националистичката партија на Фрањо Туџман, иден претседател на независна Хрватска.
Седум дена подоцна, во неделата на 13. мај атмосферата е повеќе од зовреана и фудбалот служи само како инструмент за националистички препукувања. Навивачите на Звезда сместени на јужната трибина од стадионот Максимир почнаа да фрлаат предмети во теренот и кон домашните навивачи. Полицијата е немоќна да ги спречи инцидентите, по што навивачите на Динамо влегуваат во терен и започнува општиот хаос.
Во тој момент реагира и најмладиот капитен во историјата на Динамо Загреб, Звонимир Бобан кој ги загуби нервите и со маја-гери удар нападна двајца полицајци кои апсеа хрватски навивачи. Хаосот траел неколку часа, фудбалерите на двата тима влегле во соблекувалните, а полицијата ги држела гостинските навивачи до 22:30 часот вечерта на стадионот. Бобан за ударот кон полицајците подоцна беше суспендиран на долго време и не настапи на Мундијалот во Италија 1990. година.
Во меѓувреме, за целиот настан се снима документарен филм под наслов „Недела 13", од режисерот Игор Граховац кој за прв пат ги обедини ХРТ, РТС и Балкан Ал Џазеира кои го поддржаа филмот и дадоа свои снимки, досега необјавени во јавноста.
Фудбалот остана како предвесник на навивачките нереди кои подоцна ќе прераснат и во војна. Актерите од двете страни, наместо на стадионите подоцна ќе се борат на бојните полиња. Црвена Звезда следната 1991. година ќе стане европски и светски шампион, но ниту тоа нема да ја спречи трагичната војна и распадот на СФРЈ.
Легендарниот удар на Бобан за кој доби долга суспензија:
Нередите на Максимир: