Седумратниот европски првак Милан е еден од потенцијалните кандидати кој постои можност овој месец да го гледаме на арената Филип Втори. Од една страна тоа би значело спектакл и полн стадион, ама и невозможна мисија за Вардар.
Тоа е можно да се случи ако Милан вечерва во 3-то квалификациско коло ја мине Крајова од Романија со која има предност од првиот дуел (0:1) и ако тоа го донесе утрешната ждрепка во Нион.
Вардар синоќа имаше златна шанса за долга европска пролет и го имаше потребниот резултат до 75-та минута, а тоа значеше пласман во плеофот од Лига на шампиони и загарантирано учество во групната фаза од Лигата на Европа. Или поточно уште вкупно осум средби, по четири дома и на гости.
Сега шансите за пласман во фазата по групи во второто по ранг клупско европско натпреварување, што би било огромен историски успех се можни, но многу тешки, бидејќи таму нема лесен противник.
Во плејофот за ЛЕ ќе учествуваат вкупно 44 екипи, 29-те победници од 3-то квалификациско коло и 15-те поразени од 3-то квалификациско коло за ЛШ.
Вардар е меѓу неносителите, заедно со Шкендија на која вечерва и треба победа од 1:0 за да го елиминира Тракаи од Литванија и да оди понатаму. Меѓу носителите од каде ќе се влечат противниците на македонските екипи, има доста звучни имиња.
Тука се Зенит, Атлетик Билбао, Фенербахче, Спарта Прага, Милан, ПСВ, како и ПАОК, Евертон, Марсеј и Динамо Загреб од кој беше елиминиран минатата година во 2-то квалификациско коло за ЛШ.
Противникот на македонскиот првак ќе го дознаеме утре на ждрепката во Нион која стартува во 13:00 часот.