Меси повеќе од пола Светско првенство го поминал во одење

Аргентински навивач се јавил во програма на радио за да ја каже тактиката која Сампаоли треба да ја примени на Светското, а таа гласи едноставно: Давајте му топки на Меси. Дали некој го послуша? Епа му давале топки, ама во шеснаесетник само две.

Лео Меси беше големата надеж на Аргентина на Мундијалот во Русија, но неговиот настап сè на сè беше дискретен. Славната 10-ка го заврши своето четврто учество на СП со еден гол, две асистенции, шест удари во гол, еден промашен пенал и 90% успешност во додавање.
 
Тој не е дел од оние играчи кој остваруваат рекорди во трчање и ретко поминува над 7 километри во 90 минути. Исто беше и на ова Светско, а исклучок беше само средбата против Нигерија на која истрчал 8,5 километри.
 
Ако се анализираат неговите бројки во тој параметар, ќе се забележи дека Меси се активира само кога неговиот тим ја поседува топката, во спротивно тој е повеќе статичен. Неговиот придонес во дефанзива е нула. Тоа најдобро може да се види на мапите кои го покажуваат неговото движење. Од центар не се враќа поназад.
 
 
НЕГОВОТО ДВИЖЕЊЕ
Меси на ова Светско поминал 31 километар. На 13 км или 58% од таа вкупна бројка развил брзина меѓу 0 и 7 километри на час или поточно речено одел. 8 километри (25%) ги минал со 7 до 15 км на час и уште 612 метри го поминал со 25 км на час. Неговата најголема брзина изнесувала 28,37 км на час забележаната за време на еден од неговите 28 спринтови против Франција.
 
ПРИМЕНИ ТОПКИ
Другиот значаен факт се додавањата на неговите соиграчи. Неговиот стил на игра им е јасен на сите. Најмногу сака да прима топки некаде после центарот на игралиштето, отколку да стои напред и потоа да ги изора сите како бавча и да ја финишира акцијата. Или пак истото да го направи со помош на колегите, како што тоа функционира со Иниеста, Суарез и компанија. Важно е да се напомене дека на ова Светско тој примил само две топки во шеснаесетник, една против Исланд и една против Хрватска.
 
ОБИДИ ЗА ГОЛ
На овој Мундијал Меси шутнал 18 пати, 11 против Исланд, еднаш против Хрватска, два пати против Нигерија и три пати против Франција. Од тие 18 удари, само 6 завршиле во рамки на гол.
 
Крајниот реален заклучок е дека и Меси и цела Аргентина беше под нивото на ова Светско.
3 јули 2018 - 14:33