Меси + голманот Мартинез = Аргентина во 1/4 финале

Со головите на капитенот Лионел и шпицот Хулиан Алварез, а пред сè со неверојатната одбрана на голманот Емилијано Мартинез во последните секунди од мечот, Аргентина ѝ оддолеа и на Австралија и заслужено оди на мегдан со Холандија.

По Холандија која што ги победи САД со 3-1 и стана прв четвртфиналист на Светското, вечерва таму се најде и Аргентина која потешко од очекувањата славеше 2-1 против тврдата Австралија.

По почетниот шок и сензација во првото коло и поразот од Саудиска Арабија, Аргентина се крена високо, ги победи Полска и Мексико под огромен притисок и во одично расположение одигра против Австралијците.

Во стандарден состав, „гаучосите“ вечерва уште од почетниот удар го префрлија тежиштето на игра на половина на Австралија. Капитенот Лео го играше јубилејниот 1.000 натпревар во кариерата.

35 минути Аргентинците го кршеа отпорот и конечно го отворија резултатот преку кој друг ако не најголемиот: Лионел Меси по акција еден-два со своите соиграчи во нападот, шутираше по земја прецизно за 1-0.

Ова беше 789-ти гол во кариерата на Меси. Со резултат 1-0 се отиде на пауза.

Во вториот дел избраниците на Скалони одново беа газди на теренот и тоа им се исплатеше во 57' минута кога по еден силен пресинг, го принудија австралискиот голман да направи кардинална грешка па Хулио Алварез да го зголеми водството на 2-0.

Австралија брзо се врати од шокот, тргна на се или нешто и тоа им се исплатеше во 77' минута кога Енцо Фернандез си постигна автогол.

Во самиот финиш, буквално во последните секунди од средбата, младиот 18-годишен резервен шпиц на Австралијците, Гаранг Куол излезе сам пред голманот на Аргентина но Емилијано Мартинез сјајно одбрани и спречи израмнување и неизвесни продолженија.

Во 1/4 финале Аргентинците ќе одат на мегдан со Холандија.

3 декември 2022 - 21:58