На почетокот на септември претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис по којзнае кој пат изјави дека клубот би можел да ги игра натпреварите од Лига на шампиони надвор од Неапол:
„’Сан Паоло’ е кошмарен. Таков стадион е најнегативниот момент кој го попречува нашиот напредок на европско ниво. Смачено ми е. Така осакатен стадион го ограничува статусот на Наполи на меѓународно ниво“, рече Де Лаурентис и отвори полемика.
Стадионот на Наполи „Сан Паоло“ е изграден во далечната 1959 година и е реконструиран во 1989-та пред почетокот на Светското ’90-та, но кога ќе го видите видеото кое го објавивме, ќе ве фати страв. Страшно е што на ваквите места продаваат карти и за деца.
Аурелио Де Лаурентис пред неколку дена го споредуваше стадионот со нужник.
„Наместо модернизација ние гледаме дека стадионот се повеќе личи на тоалет. Се навикнав на лажгите на Аурикио (човекот одговорен за надзор на реконструкцијата на стадиониот). Тој е должен да ми објасни зошто за 8 години Сан Паоло сè повеќе личи на нужник“.
Стадионот ’Сан Паоло’ се наоѓа во западниот дел од Неапол, во населбата Фуоригрота и важи за трет најголем стадион во Италија по капацитет - само зад ’Сан Сиро’ во Милано и ’Стадио Олимпико’.
Иако Наполи дури три пати завршуваше втор во Серија А зад неприкосновениот Јувентус на кого во пар наврати сериозно му се закани дека ќе го симне од тронот, посетата на ’Сан Паоло’ во последно време е драстично намалена.
Навивачите се разочарани и фрустрирани од односот на претседателот Де Лаурентис кој неодамна купил и мнозински пакет акции во третолигашот Бари и го поставил син му да биде претседател.
УЕФА сугерирала да се ставаат седишта онаму кај што нема, клубот прифатил одговорност но ништо не сработеле цело лето.
Локалниот лист Cronache di Napoli пишувал дека американскиот гигант McDonald’s му понудул на клубот Наполи пари со цел да изградат нов стадион во замена за правата на име на стадионот во наредните децении да ги носи McDonald’s.
Ова е само уште една од вечните натегања меѓу Неаполитанците. Пред неколку години градските власти планирале да го преименуваат стадионот во „Диего Марадона“, икона на клубот, но жестоко се спротистави црквата која не сака да слушне стадионот да го смени називот „Свети Павле“ (Сан Паоло).
Како што одат работите и секој тера по свое, можно е стадионот да остане со години нечепнат.